Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првата дама на САД во заминување, Меланија Трамп, која утре ќе ја напушти Белата куќа заедно со сопругот Доналд Трамп, кому му истекува претседателскиот мандат, со порака се обрати на американската нација.
Во видео пораката, што синоќа беше објавена на веб-страницата на Белата куќа, таа вели дека најголемата чест во нејзиниот живот е што била прва дама на САД.
-Ме инспирираа неверојатните Американци ширум нашата земја кои ги градеа нашите заедници со својата љубезност и храброст, со добрина и грациозност. Изминатите четири години беа незаборавни. Сега кога Доналд и јас го завршуваме времето во Белата куќа, мислам на сите луѓе што ги примив во моето срце и на нивните неверојатни приказни за љубов, патриотизам и решителност, напиша Меланија Трамп во писмото.
Во неа, таа, исто така, им се заблагодарува на сите медицински сестри, лекари, здравствени работници и многу други луѓе кои работат на спасувањето животи и им изрази сочувство на семејствата кои ги загубија своите најмили поради пандемијата на коронавирусот.
-Секој живот е драгоцен и ги замолувам сите Американци да користат претпазливост и здрав разум за да ги заштитат ризичните, бидејќи сега се доставуваат милиони вакцини, се додава во пораката на првата дама.
Меланија,исто така, наведе дека нејзината страст за помагање била двигателот за нејзината политичка иницијатива како прва дама.
-Ја почнав иницијативата „Биди најдобар“ за да се осигурам дека ние Американците правиме сè што е во нашата моќ да се грижиме за следната генерација. „Биди најдобар“ се фокусираше на три столба: благосостојба, безбедност на Интернетот и злоупотреба на опоидите, напиша првата дама за нејзината иницијатива.
Збогувајќи се, таа му се заблагодари на американскиот народ и напиша дека зборовите не можат да ја изразат длабочината на нејзината благодарност за привилегијата да биде прва дама на САД.