Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Просечната уште заостанува зад сумата која ја опфаќа минималната потрошувачка кошница со потребните намирници, услуги и режиски сметки кое едно четиричлено семејство ги плаќа во текот на месецот.
Државниот завод за статистика деновиве објави дека просечната нето-плата во државата во ноември лани достигнала 25.787 денари и за една година е зголемена за над пет проценти. Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, пресмета дека минималната ноемвриска плата била за 6.944 денари покуса од кошничката со минималните потреби на семејствата.
Или, синдикалната минимална кошница за декември, која се полни со ноемвриската плата, „тежи“ 32.732 денара. Иако е речиси иста како во ноември, оваа кошничка сè уште е многу „потешка“ од зголемената просечна плата, а уште повеќе од минималната од 14.500 денари, која според некои пресметки ја примаат околу 60 проценти од вработените во државата.
Синдикалците пресметале дека најголем дел од семејниот буџет се троши за тоа кошницата да се наполни со минимумот потребни храна и пијалаци. Во декември на ова биле потребни над 13,6 илјади денари, значи за малку, па цела минимална плата. Овој трошок е еднаков на 41,68 проценти од вкупната вредност на синдикалната минимална кошница. Следен по вредност е трошокот за домување, кој ги опфаќа сметките, покуќнината, одржувањето на домот, на што отпаѓаат околу 32 процента од вредноста на кошницата, или околу 10.000 денари.
Според пресметките на ССМ, за одржување на личната и хигиената на домот на македонските домаќинства месечно им требаат по околу 2.300 денари, што е седум проценти од вредноста на кошницата, а трошоците за превоз им се за околу 100 денари повисоки и опфаќаат 7,4 отсто од минималната кошница. За каков-таков пристоен живот близу 2.200 денари месечно треба да се одвојат за облека и обувки, или 6,67 отсто од вкупните трошоци, а за култура останува една илјадарка, или 3,26 отсто. Трошоците за одржување на здравјето заземаат најмал простор во кошницата, само 2,16 проценти. Пресметано е дека за најминималните потреби за одржување на здравјето на едно четиричлено семејство месечно му се потребни 706 денари.