Пропадна компанијата која на богатите наивници им продаваше мобилни од стотици илјади евра


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Без оглед на тоа дали имате или немате пари, луксузните уреди се неверојатно преценета бесмислица бидејќи, независно на кој начин и да се промовираат, станува збор за обични (често и застарени) уреди кои некој ги спакувал во квалитетен и скап материјал, ги „наѕинѕурил“ со дијаманти, најгоре ставил свое лого и понудата ја украсил со детали од типот „24/7 поддршка за корисниците“ или нешто слично.

Тоа очигледно им стана јасно и на богаташите, бидејќи неодамна пропадна еден од последните бастиони на бесмислено прескапите уреди, компанијата Vertu. Додуша, на оние со многу длабок џеб им требаа скоро 20 години за да сфатат дека мобилните од овој бренд не ги прават ништо посебни, туку само посебно наивни како корисници.

Бизнис кој цутеше на наивноста од богаташите

Компанијата уште од 1998 година ја основаше Nokia (Vertu Signature на пазарот се појави во 2002 година) и бизнисот од прва солидно котираше. Уредите чија цена се движеше од 5.000 до 300.000 евра си наоѓаа свое место кај безобразно богатите клиенти кои можеа да се пофалат со мобилни телефони на кои се наоѓаат сите благородни метали и драгоцени камења до најфина кожа на торбичките за нив.

Еден поглед на веб страната од компанијата ќе ви беше доволен за да сфатите за што станува збор.

Meticulous craftmanship, stunning aestethics, english craftmanship, finest leathers или exotic skins се бесмислени фрази кои би требало да ве убедат дека станува збор за нешто повеќе од обичен и уште почесто застарен мобилен телефон во прескапа „облека“. За разлика од некои други луксузни производи кои со време можат да добијат и на цена, гаџетите од Vertu и покрај цената и квалитетот на користените материјали, не го следеа развојот на технологијата и за една година и нивниот најнов и најлуксузен производ подеднакво застаруваше како и моделот за кој сте платиле неколку стотини евра.

Постои место за луксуз, но тоа не е Vertu

Да нема забуни, дури и во светот на технологијата постојат места на кои има смисла да се тргува со луксуз, но тоа во никој случај не е технологија која буквално се менува преку ноќ. На пример, ако искеширате 80.000 долари за MKIII звучниците од Megatrend, можете да бидете прилично сигурни дека во наредните 10 години ќе слушате музика на исклучително квалитетна репродукција, а многу веројатно и вашите деца ќе слушаат музика на истите звучници.

Доволно е да го погледнете било кој производ на Apple, Samsung или Google и нивната презентација, за да ви стане јасно дека трендовите во светот на мобилните телефони се менуваат и не се во иста категорија. Уште повеќе, Тим Кук и неговата екипа секоја година претставуваат два-три нови уреди и ќе ве натераат да се чувствувате „безвредно“ (за жал многу луѓе реално добиваат такво чувство) ако го немате најновиот iPhone.

Но, да се вратиме на приказната за Vertu.

Како пропадна Vertu

Стив Џобс во 2007 година дополнително ја отежна работата за бизнисот на Vertu за тргување со производи какви што отсекогаш сакаше да има оваа копманија. Но, за разлика од Vertu, Apple на корисниците им нудеше луксуз кој не се мереше во благородни метали кои беа дел од изработката на производите, туку во она што се крие „под површината“. Дури и најголемите наивници во тој момент сфатија дека она што им е подостапно на сите е далеку поквалитетно од она кое им е достапно само на ретките.

Во комбинација со рецесијата, бизнисот на Vertu вртоглаво тргна во надолна линија и продажбата од (наводни) 60.000 производи годишно значително се намали.

Наједноставно речено, Vertu се најде во истите проблеми како и било која друга компанија која произведуваше луксузни производи. Сè до моментот кога просечните телефони не можеа да направат ништо освен повик, пораки и играње Snake и креирање свои мелодии, нивните уреди добро се продаваа. Во моментот кога се појавија смартфоните, а разноразните иновации ги претворија мобилните телефони во придружници без кои луѓето едноставно не можат, телефоните на Vertu станаа смешка и рачно шиената кожа, скапоцените материјали и сафирното стакло веќе не беа фактори кои имаа моќ да ве убедат во спротивното.

Доаѓањето на матниот спасител

Компанијата промени неколку сопственици, а во текот на годините трупаше долгови кои рипнаа над 150 милиони долари. Пред неколку месеци Telegraph пишуваше дека контроверзниот Мурат Хакан Узан искеширал 50 милиони фунти за Vertu, за само пар месеци подоцна неуспешно да проба да ја спаси компанијата (128 милиони фунти на име долгови, плус останатиот износ од 1,9 милиони за преземање на компанијата).

Инаку, Узан е чест „гостин“ во судовите поради низа малверзации, а и самото купување на Vertu беше направено под сомнителни околности, поради кои и двете страни го чекаат својот ден на суд. Иако моменталниот сопственик тврди дека планира да ја заживее пропаднатата компанија, после отпуштањето на 200 вработени, тешко дека некој ќе му верува во намерите за решението на проблемите кое сите го чекаат.

Луксузната технологија, едноставно, не е пат кон иднината, а кога технологијата ќе ја подредите на естетиката, станува збор за добитен рецепт за брзо пропаѓање. Но, дали пропаѓањето на Vertu ќе значи и смрт на луксузната технологија? Времето допрва ќе го покаже тоа.