Промовирана првата „Македонска рок енциклопедија“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Вчера, осми мај, на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 20 часот, беше промовирана првата „Македонска рок енциклопедија“ која ја приреди и уреди музичкиот новинар кој со години е буден и посветен набљудувач, афирматор, критичар и активен учесник во македонската рок култура, Тошо Филиповски.

Енциклопедијата, А4 издание на речиси 500 страници објавена од „Corpus Delicti Records“ во 1000 примероци, содржи податоци за 333 македонски музчки состави од различни жанрови (рок, џез, блуз, електронска музика, хип хоп, ворлд мјузик, поп-рок, панк, хеви метал, реге, ска…), околу 2500 спомнати музичари, повеќе од 400 фотографии. Биографиите се хронолошки приказ на снимки, изданија и концерти, со прецизно забележување на сите достапни информации за еден бенд.

 

Филиповски ја имал идејата две децении и уште оттогаш, како што вели во предговорот, сметал дека македонска рок-енциклопедија не треба да има каков било „вредносен“ предзнак при одбирот на бендовите што ќе бидат застапени во неа. Критериумите според кои ги избирал музичките состави, вели, биле лабави и повеќе му служеле како филтер на неговите истражувања и не биле обид за поставување некакви вредносни параметри.  Жанровски, исто така, не бил ригиден и не сакал да се води од најстрогите критериуми за тоа што потпаѓа под рок-музика.

– Напротив, сметав дека во Енциклопедијата треба да влезат бендови што во некои најшироки дефиниции за рок-музиката може да се сместат во нејзиниот фолдер. Овде ќе најдете биографии и за неколку џез-, ворлд-мјузик, електронски, амбиент-, хип-хоп, акустични и поп-рок состави а, се разбира, и за оние што некако „поприродно“ се поистоветуваат со рок-културата: класичен рок, гараж, панк, хеви-метал, ска, реге, блуз, фанк, психоделија, индустриал… Но, она во што бев сигурен е дека во оваа Енциклопедија нема простор за шлагерски, фестивалски, поп- и фолк-изведувачи, истакнува Филиповски.

Интензивното пишување со јасна слика за крајниот производ почнало во 2015, а пред десетина месеци го добил и финалниот костур на книгата.

– Во неа ќе пронајдете биографии на 333 бенда, сосема случаен број добиен од едноставна математичка поделба на претпоставените 1000 единици – бендови, соло-изведувачи и луѓе од сцената – што треба да бидат опфатени со трите планирани тома на Македонската рок-енциклопедија… Огромен број готови, но и недоработени материјали, недовршени комуникации и резултати од нови „прекопувања“ по македонската музичка историја, кои не успеав да ги вметнам во овој, ќе бидат составен дел од вториот том на Македонската рок-енциклопедија, додава Филиповски во предговорот на книгата.