Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Вчера вечер, во Струмица, се одржа промоцијата на досега необјавената драма во пет слики „Вероника Самарак“ од македонскиот драмски писател, Антон Панов.
Во Центарот за култура, што го носи неговото име, пред мал број почитувачи на неговото дело, за подзаборавената драма на Панов се осврна драматургот, Ацо Гогов.
„Оваа никогаш досега објавена драма на Антон Панов и никогаш неизведена на театарска сцена се вклопува, пред сè, во одбележувањето на 50 години од неговата смрт. На 28 август 1968 година тој го заврши својот живот, тука во Струмица. Ова книга е негова втора драма по „Печалбари“ и е пишувана од 1936 до 1938 гоина. На почетокот и го дал насловот „Стега“, а во 1951 година писателот повторно ќе се зафати со драмата и ќе направи нејзина темелна преработка и ќе и даде нов наслов – Вероника Самарак“, рече драматургот Гогов, кој додаде дека ракописотот бил пронајден во библиотеката на драмски текстови и ракописи на Струмичкиот театар.
За „Вероника Самарак“ зборуваше професорот Мишел Павловски, кој во своето обраќање истакна дека ракописот на Панов нуди многу теми за размислување.
„Многу ми е драго што книгата се појавува во печатено издание, бидејќи ние зборуваме за драма и не треба да заборавиме дека таа е основа на една друга уметност која се вика театар и мислам дека би требало да биде предизвик да се види како ќе функционира драмата на сцена. Според мое длабоко убедување на театарската сцена, во едно современо толкување, би функционирала многу подобро отколку во своето печатено издание“, рече професорот Мишел Павловски.
Издавач на делото е Здружението за култура и уметност „Сцена“ од Струмица, финансиски е помогнато од општина Струмица.