Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Со продажбата на сопственичкиот удел во акциите во „Скопски пазар“, Тодорка и Сашо Давитковски веќе не се акционери во ова акционерско друштво. Тие пред два дена ги продадоа сите акции што ги поседуваа таму – вкупно 22 отсто од акционерскиот капитал на „Скопски пазар“, пренесува Мкд.мк.
Во блок трансакција беа истргувани вкупно 17.532 обични акции издадени од „Скопски пазар“ АД Скопје, по цена од 6.169,61 денари по акција, во вкупна вредност од 108.165.602,52 денари, соопшти Македонската берза.
„Досегашниот акционер Тодорка Давитковска изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во ‘Скопски пазар’, односно 8.055 обични акции, што претставува 11,36 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од ‘Скопски пазар’ и повеќе не е акционер во ‘Скопски пазар’. Досегашниот акционер Сашо Давитковски изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во ‘Скопски пазар’, односно 7.546 обични акции, што претставува 10,64 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од ‘Скопски пазар’ и повеќе не е акционер во ‘Скопски пазар’“, соопшти берзата.
Во акционерската книга сега Лико проект ДООЕЛ, градежна фирма од Липково, се јавува како акционер со над 5 отсто во акционерската структура на „Скопски пазар“ со вкупно 17.532 обични акции или 24,71 отсто од бројот на обични акции со право на глас, односно 20,49 отсто од вкупниот број на издадени акции од Друштвото.
На крајот на минатата година најголеми акционери во „Скопски пазар“ биле „Современ дом“ АД Прилеп, со 24,8 отсто од акциите, „ЗСФ ком“ ДООЕЛ Скопје на познатиот бизнисмен Фатмир Етеми со 22,72 отсто, „Скопски пазар“ во чија сопственост се 11,46 отсто од акциите (сопствени акции) и Тодорка и Сашо Давитковски.
„Скопски пазар“ управува со 13 зелени пазари во Скопје и со еден сточен пазар со капацитет од околу 2.900 продажни места-тезги, располага со деловен простор претежно наменет за издавање со вкупна површина од околу 58.000 квадратни метри, а во еден дел од деловниот простор компанијата врши сопствена трговска дејност, врши и сопствена угостителска дејност (ресторанот „14“ во Скопје), а го поседува е-супермаркетот www.doma.mk.