Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на денешниот брифинг во врска со стапувањето на сила на измените во Законот за управување со отпад, појасни дека суштината на новите измени во врска со наплатата за биоразградливите кеси е да се подигне јавната свест за користење на платнени торби, односно да се намали употребата на пластика.
Тој истакна дека главната цел не е да се земаат пари од граѓаните, туку да се промени начинот на пазарење и граѓаните да обрнат внимание на загадувањето на животната средина.
– Стандардите остануваат исти како што се во стариот Закон за управување со отпад. Тоа значи дека производителите можат да продолжат да продуцираат пластични кеси со вакви стандарди, кои се биоразградливи до 1 јуни 2023 година, изјави Нуредини по брифингот со новинарите.
Министерот посочи дека идејата не е дека очекуваат пари за Фондот, туку да се намали употреба на пластика.
– Ние ќе информираме јавно и транспарентно во првиот квартал на наредната година колку пари се собрале во Фондот и што ќе правиме со тие средства, рече Нуредини одговарајќи на прашања, посочувајќи дека тие пари ќе бидат наменети за проекти за намалување на загадувањето на животната средина.
Прашан дали ќе се променат пластичните амбалажи, министерот појасни дека тие веќе се плаќаат преку системот за проширена одговорност на производителите.
– Ќе продолжиме до 1 јуни 2023 година со истите стандарди, производителите имаат година ипол да продолжат со овие стандарди и да се менуваат, рече Нуредини, додавајќи дека микропластиката е штетна за нашите почви и води и оти со вакви закони и чекори сакаат да го заштитат здравјето на граѓаните.
Министерот потсети дека согласно Законот за општествена одговорност производителите кои користат амбалажи на годишно ниво плаќаат надоместок. Тој надоместок го собраат колективните собирачи на отпад кои потоа имаат одговорност со тие средства да набавуваат садови за рециклирање и селектирање на отпад. Клучно е граѓаните што повеќе да селектираат отпад за да се зголеми бројот на поставени контејнери за селекција на отпад, а со тоа да се зголеми и рециклирањето што ќе придонесе за заштита на животната средина.
На новинарско прашање околу цената на кесите за отпад министерот кажа дека во моментов не е донесена одлука за промена на нивната цена. Тој појасни дека во иднина ќе се носат закони кои ќе придонесат за намалување на употребата на пластика.