Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Воведувањето на прогресивното оданочување ќе ја намали продуктивноста, ќе ја зголеми невработеноста и сивата економија и ќе доведе до одлив на мозоци од земјава. Ова се дел од аргументите на Американската стопанска комора во Македонија – Амчам Македонија, Македонија 2025 и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ кои ги доставиле до Министерството за финансии, а во врска со најавите за потенцијално воведување на прогресивно оданочување на персоналниот доход.
Според Амчам Македонија, Македонија 2025 и МАСИТ, кои ги претставуваат ставовите и мислењата на повеќе од 200 од најголемите и најиновативни компании во Република Македонија, предложените мерки нема да го постигнат посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, но ќе ја намалат продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации.
„Нејасно е како ќе се распределат дополнителните средства собрани со зголемувањето на данокот на персонален доход – дали директно ќе се искористат за подобрување на социјалната нееднаквост или средствата ќе се користат за генерални расходи? Доколку се користат за генерални расходи, ефектот ќе се поништи бидејќи од истиот буџет субвенционира приватниот сектор. Доколку се користат директно за подобрување на социјалната нееднаквост и, како што најави Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се искористат за да се покачи износот на социјалната помош до 12 000 денари за четиричлено семејство, тогаш таквата мерка ќе доведе зголемување на невработеноста – доколку социјалната помош се изедначи со износот на минималната плата, работоспособните лица кои примаат минимална плата ќе преферираат да не работат и да земаат социјална помош отколку да работат за минимална плата, со што дополнително ќе се оптовари буџетот“, се вели во соопштението.
Според бизнис-заедницата, со воведувањето на прогресивното оданочување ќе се намалат и продуктивноста и вработливоста. „Доколку се пенализираат оние делови од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а се наградуваат оние кои не се трудат, ќе се намали продуктивноста“, велат тие.
Исто така, сметаат од Амчам Македонија, Македонија 2025 и МАСИТ, мерката ќе доведе до дестимулирање на развојот на висококвалификувани кадри – зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации.
Според нив, предложените мерки ќе ја намалат даночната послушност и ќе ја зголемат сивата економија. „Зголемување на даночното затајување – во контекст во кој населението нема доверба во институциите на системот и има низок степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат, зголемувањето на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија (пријавување на само дел од доходот наместо полниот износ, исплаќање на доходот на сметки во други земји, Payoneer картички)“, велат од бизнис асоцијациите.
Тие сметаат и дека ќе се намали и бројот на даночни обврзници, прибирањето на даноците ќе биде отежнато и ќе се зголемат трошоците и комплексноста на прибирање даноци. Исто така, според нив, воведувањето прогресивен данок на личен доход ќе доведе до зголемување на неформалното вработување, со што ќе се намали бројот на даночни обврзници.
Амчам Македонија, Македонија 2025 и МАСИТ сметаат дека предложените мерки ќе имаат негативен ефект и врз растот и развојот на македонската економија. Според нив, ќе дојде до одлив на капитал и намалени инвестиции, до одлив на мозоци затоа што, како што велат, воведувањето прогресивен данок ги таргетира висококвалификуваните и професионални кадри кои веќе се дефицитарни во Македонија.
„Во Република Македонија се исплаќа бруто-плата и не постои механизам што ќе ги обврзе компаниите да ја зголемат бруто-платата за нето-платата да остане иста по зголемување на придонесите. Многу е веројатно зголемениот даночен товар да падне врз грбот на вработените наместо на работодавачите. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима. Овие кадри се исто така и најголемите потрошувачи и со нивното заминување ќе се намали економскиот раст“, се вели во соопштението.
Според бизнис-асоцијациите, прогресивниот данок ќе доведе до дестимулација на иновативните смарт-индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата – иновативните и брзорастечки компании, особено во ИКТ-секторот, ќе бидат особено погодени од зголемените даночни обврски бидејќи тоа се индустриите во кои доходите се највисоки.
„Според погоренаведеното, сметаме дека ова не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување на личниот доход, особено не во формата којашто неофицијално беше имплицирана“, велат од Амчам, МАСИТ и Македонија2025.
Владата најави дека ќе биде отворена дебата за предлогот за приход до илјада евра персоналниот данок на доход да остане ист, 10 отсто, додека за секој приход остварен над границата од илјада евра данокот да биде 18 проценти.
Извор: Макфакс