Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Највисоки примања во Македонија имаат компјутерските програмери, чија просечна плата за јуни, според податоците од Државниот завод за статистика изнесува 56.587 денари. Далеку зад нив според примањата остануваат вработените во банките, фармацијата, енергетиката, кои долги години важеа за најдобро платени во државата.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија во јуни 2018, изнесува 24.203 денари и бележи раст во однос на јуни лани од 6,1 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен за 20,4 отсто, информации и комуникации за 16,7 отсто и преработувачка индустрија за 14,7 отсто.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите финансиски дејности и дејности на осигурување за 14 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна 11,3 отсто и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за три отсто.
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во јуни 2018 изнесува 35.530 денари.
Веднаш зад петици на компјутерџиите им се вработените во воздухопловниот транспорт, кои традиционално се на листата на вработени со највисоки плати во државата. Тие во јуни годинава земале просечна плата од 56.023 денари, која за разлика од лани истиот месец била помала за скоро три проценти, но во однос на мај годинава се зголемила за безмалку осум проценти.
Овие вработени се единствни во државата чија плата надминува 50.000 денари. Меѓу добро платените во Македонија со просечна плата која надминува 40.000 денари се фармацевтите, банкарите, вработените во телекомуникациите. На листата на ДЗС има уште десетина занимања платени со повеќе од 500 евра.
На дното на списокот според висината на платите веќе не се ниту земјоделците, ниту текстилците, ниту кожарите, кои до неодамна како да ја имаа резервирано таа позиција. Најслабо платени, со плата која во просек едвај ја надминува минималната загарантирана во државата се рибарите со 12,6 илјади денари и вработените во заштитните истражни дејности со просек од околу 12.900 денари. Сепак, кожарите и текстилците и понатаму остануваат на дното, кожарите со нешто помалку од 15.000 денари и производителите на облека со околу 16.000 денари просечна плата.