Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Последните препукувања и извинувања помеѓу Скопје и Софија околу прашањето чие е Илинденското востание, наметнуваат потреба на македонската јавност да и се покажат некои примери од Европа, каде може да се говори за заедничка историја и заеднички личности од минатото.
Притоа, забележливо е дека таму никој никому не го оспорува правото на сопствена историја, колку да таа во минатото била заедничка, споделена или помешана.
Сепак, ова е Балкан, каде слабите држави создадени од Големите сили за нивни потреби, исклучок е македонската, секогаш се вртат кон минатото, иако тоа не е толку светло како што сакаат да се прикаже.
За политичарите ми беше зборот, а за нивните историчари во друга пригода.
Многу народи во светот имаат личности кои можат да ги споделат помеѓу себе, бидејќи истите биле и се важни за нивната историја, култура и традиција. Интересен е и примерот со Адам Мицкиевич, голем полски поет и патриот. Тој бил роден во денешна Белорусија, пишувал на полски, но пишувал и за Литванија, како дел од поранешниот Полско – литвански комонвелт.
Тој во неговото ремек дело Пан Тадеуш, напишал една песна која и ден денес е позната на секој Полјак и Литванец – Моја Литванијо. Иако делата ги пишувал на полски, тој се сметал за Литванец. Исто така, заради местото на раѓање, градот Навахрудак, кој е во денешна Белорусија, тој може да биде сметан за Белорусин.
За разлика од Балканот, Полјаците, Литванците и Белорусите кои го сметаат за дел од својата култура не спорат меѓу себе околу прашањето на кого припаѓа Адам Мицкиевич .
Заедничкото живеење во Полско – литванскиот комонвелт со векови довел до една мошне интересна појава, која имала влијание врз перцепцијата на Литванците за самите себе си.
Полјаците доминирале на политички и културен план. Од XVI век натаму била забележана брза промена на националната свест меѓу благородниците од литванска во полска, а полскиот јазик и култура станале дел од идентитетот на владејачките слоеви кај Литванците. Подолните слоеви на литванското општество и така немале развиена национална свест.
Сепак, со тек на времето нештата се промениле. Пропаѓањето на полската држава и нејзината поделба помеѓу Русија, Прусија и Хабсбуршката монархија имале свое влијание врз Литванија. Најголемиот дел од оваа денешна европска држава и припаднал на Русија, а помалиот на Прусија, подоцна Германија.
Литванската култура станала интересна за полските и германските истражувачи. Во периодот помеѓу 1820 и 1860 година биле објавени биле објавени голем број на литвански народни песни. Тоа најверојатно имало големо влијание врз појавата или пак обновувањето на литванскиот идентитет. Првиот знак било дистанцирањето на литванските интелектуалци од полскиот културолошки живот.
Многумина кои порано се сметале за Полјаци, започнале да се изјаснуваат како Литванци. Добар показател за оваа појава бил еден од најголемите литвански интелектуалци во тој период и еден од основоположниците на литванскиот национализам Винцас Кудирка.
Овој литвански интелектуалец додека го посетувал училиштето во Маријамполе бил целосно полонизиран. Тој се однесувал како вистински Полјак, бегајќи дури од своите родители во јавноста, кои се однесувале како обични рурални Литванци.
Подоцна, според оние кои го проучувале неговиот живот, Кудирка самиот се сметал и за Полјак и за Литванец. Меѓутоа, појавата на интересот на Литванците за своето минато и својата посебност не можеле да останат без резултати кај Кудирка, кој самиот се соочувал со се посилните обиди за русификација на неговата земја.
Полската литература кој тој ја користел имала влијание врз неговите погледи и сфаќања за Литванија. Тоа придонело за неговата целосна трансформација од полска кон литванска ориентација.
Во списанието Varpas, во 1893 година, тој објавил колумна со наслов Ѕвоното на татковината во која, меѓу другото, напишал:
„Јас порано се декларирав и како Литванец и како Полјак, бидејќи историјата ги обединила Литванците и Полјаците. Така признавајќи дека сум полу Полјак, мислев дека ќе се ослободам од својата втора половина дека јас сум Литванец“.
Тој свртел целосно нов лист кон минатото на својот народ. Според него улогата на историјата била од најголема важност за обнова на националниот идентитет на Литванците. Тој од Полјак станал Литванец, односно тоа што бил.
Дали некој Полјак денес го спори делото на Кудирка, особено неговото право да ја напушти националноста или идентитетот кон кого не припаѓал?
Не. Секој може да се врати кон своите корени, без да биде предмет на денешно искривоколчување на фактите и негирање на правото на самоопределување.
Кога е во прашање припадноста на еден интелектуалец на два или повеќе народи може да го споменеме и Јан Баршчевски, полски писател роден на територијата на денешна Белорусија.
Неговото главно дело Благородникот Заваланија или Белорусија во фантастичните приказни, напишано во периодот од 1844 до 1846 година, зафаќа значајно место во белоруската литература од 19 век, но многу ретко е споменувано во полската литература. Без никакво сомнение Баршчевски припаѓа на двата словенски народи – Полјаците и Белорусите.
Чешко – словачката измешаност се должи на долгогодишното заедничко живеење во иста држава – Хабсбуршката монархија и Чехословачката држава, јазичната, културната и верската сличност.
Во Словачка, како помалиот народ и држава во однос на Чесите, се свесни за проблемот кој би можеле да го имаат околу споделувањето на заедничките личности или пак личностите кои се важни за двата соседни и мошне слични народи.
Тоа може да го забележиме во книгата Историја на словачката литература од Петар Петро кој забележал дека кога словачкиот писател пишувал на латински, никој не би помислил дека тој бил Римјанин, но проблемот се јавувал доколку делата биле напишани на чешки, германски или унгарски.
Според него, германските, унгарските, еврејските и сите оние автори кои не биле Словаци, автоматски биле исклучувани, иако тие можеби живееле во Словачка и пишувале на словачки теми или дури и го користеле словачкиот јазик.
Сепак, еден словачки историчар, Ј. Хучко, нагласил дека критериум за патриотското книжевно дејствување бил јазикот, односно дали поединецот пишувал на чешки или на словачки јазик. Всушност Хучко, не без основа, го поставил критериумот за јазикот. Според чешкиот историчар и теоретичар на нациите и национализмот на помалите народи, Мирослав Хрох, пишувајќи за појавата на словачкото национално движење забележал:
„ Специфична особеност на словачкиот културен развој бил фактот дека тој развој бил тесно преплетен со чешката земја. Чешкиот бил општоприфатен јазик на лутеранската реформација во Словачка, словачките студенти заминувале во прага, а во Словачка се носеле книги на чешки“.
Затоа воопшто не треба да не чуди дека некои личности имале придонес за традицијата и културата на двата соседни блиски народи. Нивното потекло не значи дека тие не биле и не се важни за историјата на двата народа.
Па така може да забележиме дека Јан Колар, Словак по потекло, интелектуалец и застапник за словенското единство, сметал дека сите Словени биле дел од една словенска нација, зборувајќи еден словенски јазик, но поделени на племиња кои говореле различни дијалекти.
Тој сметал дека Словаците и Чесите припаѓале на едно племе и се спротивставувал на создавање на посебен словачки јазик. Колар ги пишувал неговите текстови на архаичен чешки јазик и се обидувал да го прошири користењето на тој јазик во Словачка. Тој денес е мошне значајна личност за словачката култура и историја.
Сето ова покажува дека заедничката историја е дел од многу европски истории. Само на Балканот заедничкото минато се користи за негирање и присвојување, а посебно за обвинување за крадење на историјата. Сепак, европското искуство го негира балканското манипулирање.
Војните почнуваат од манипулирањето.
Пишува: Проф. Др. Далибор Јовановски за Експрес.мк