Проектиран буџетот за 2019 година – Владата ќе има на располагање 3,7 милијарди евра


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Владата го скрои буџетот за 2019 година, кој е проектиран на 3,7 милијарди евра и е за 300 милиони поголем од годинава, со што фактички е и најголем буџет во историјата на независна Македонија. На приходната страна е планирано да се приберат 3,4 милијарди евра и во нив се пресметани приходите што треба да ги донесе прогресивниот данок.

За плати на администрацијата следната година ќе бидат потрошени 460 милиони евра буџетски пари, што е за 20 милиони повеќе од годинава. Зголемувањето доаѓа од повисоките плати за 10 насто што од јануари ќе ги добијат докторите специјалисти, а за 5 насто целата администрација во септември.

Но дали со овие пари ќе се подобри работата на администрацијата, праша бизнис сектор на јавната презентација.
Министерот тврди дека повисоките плати се неопходни.

„Администрацијата ќе биде носечка во периодот на преговори со ЕУ, ќе има голем товар, а Министерството за информатичко општество работи на реформи“ – вели Драган Тевдовски.

Планираниот дефицит е за 0,2% помал во однос на годинава и е проектира на 2,5% од БДП. Но сепак во државната каса ќе недостасуваат 288 милиони евра, пари што ќе се бараат кај домашните, но и кај странските кредитори. Еврообврзница до година нема да има, тврди Тевдовски. Но иако министерот најави стабилизација на јавниот долг, тој до година ќе се зголеми за 6 проценти поени и ќе стигне до 54,2 отсто од БДП.

„Нашите проекции е нето задолжувањето да изнесува 9,2 милијарди денари“ – потенцира Тевдовски.

Капиталните инвестиции, што годинава имаа катастрофална реализација, се проектирани на оптимистички 418 милиони евра.

За пензии ќе бидат потрошени 917 милиони. Половина од парите ќе бидат трансферирани директно од централниот буџет.

Растот на економијата се планира да биде 3,2 проценти. Министерството предвидува до година цените да бидат стабилни, стапката на инфлација е проектирана на 2 отсто.