Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Холандскиот едреник „Остершелде“ испловувајќи од пристаништето Сатон во Плимут, на јужниот брег на Англија, и упатувајќи се југозападно кон Канарските Острови, го започна своето симболично двегодишно патување околу светот.
Тоа е, всушност, почетокот на двегодишното патување околу светот наречено Проект „Дарвин 200“, што се случува речиси 200 години по мисијата на Чарлс Дарвин.
Патешествието ќе опфаќа 32 пристаништа и илјадници луѓе, а има за цел, меѓу другото, да ја инспирира новата генерација млади екологисти и научници од иднината, да тргнат по патот на младиот Дарвин од пред 192 години што потоа доведе до неговата теорија на еволуцијата. Идните научници, како што се наведува, ќе ги проучуваат видовите откриени од Дарвин и ќе развијат проекти за нивно спасување.
Во „Дарвин 200“ ќе учествуваат околу 200 млади натуралисти и конзерватори од целиот свет. Бродот ќе служи како пловечка лабораторија на море и во пристаништата.
– Овде станува збор за надежта, иднината и за промените на светот, рече водачот на овој проект, Стјуарт Мекферсон.
Тој изјави дека оваа група млади луѓе, главно на возраст од 18 до 25 години, „нема да дозволат животните и растенијата да паднат во бездната на истребувањето“. Бродот од островите близу западноафриканското приморје ќе го премине Атлантскиот Океан – до Бразил. Пловејќи по источниот и западниот брег на Јужна Америка експедицијата ќе стигне до островите Галапагос, каде што се случиле некои од најважните откритија на Дарвин. Ботаничарката Сара Дарвин рече дека ја поддржува мисијата по стапките на нејзиниот пра-пра-прадедо, за меѓу другото, да се истакнат и воочат промените во животната средина.
– Најголемото наследство на Чарлс Дарвин е препознавањето на местото на човекот во природата. Секогаш мислам дека е многу битно секојдневно да се потсетуваме дека луѓето и остатокот од живиот свет имаат заедничко потекло. Дарвин го кажа тоа пред 160 години – дека ние сме поврзани со остатокот од природата. Ние не сме над тоа. Ние сме дел од природата, рече таа.
Бродот потоа ќе продолжи до Австралија и Нов Зеланд, па назад во Јужна Америка, па повторно преку Атлантикот до Јужна Африка и назад во Англија.
Во 1831 година, Дарвин се качил на „ХМС Бигл“ на петгодишно патување низ Јужна Америка до Австралија и Нов Зеланд.