Продолжува фаталниот биланс во скопска Гинекологија – за три месеци, 35 починати бебиња


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Црната статистика за починати новороденчиња на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и во 2018 година го задржува трендот на фатален биланс. Статистиката покажува дека во првите три месеци од годинава починати се 35 новороденчиња или само 2,6 отсто помалку од истиот период лани.

И министерот за здравство и директорката на клиниката ветуваа дека работите ќе се сменат, дека ќе бидат преземени строги мерки за надминување на овој сериозен проблем, но засега ништо.

„Недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките е главна причина за нивната смртност, а најголем процент од починатите бебиња е поради нивната мала родилна тежина и предвремено раѓање. Во краткорочните мерки се подготвени упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта“, изјави пред два месеци министерот Филипче.

Најчестите причини за зголемената смртност на новороденчињата се недозреани бели дробови и сепса, ниска родилна тежина, но и нестручноста на дел од лекарите, инфекциите и предвремените породувања.

Во последните три години годишниот просек на смртноста на новороденчињата на оваа клиника е околу 200. Трендот е почнат во 2016 година кога починале 185 новороденчиња што беше за два пати повеќе од 2015 година. И од тогаш просекот е околу 200.