Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Рестриктивната мерка полициски час со траење од 22 до 5 часот, кој истекуваше денеска, ќе продолжи да важи. Како што информираа од Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести следните денови, согласно епидемиолошките анализи ќе утврди дали се потребни дополнителни рестриктивни мерки.
Со Одлука на Владата, полицискиот час беше воведен на 10 март, а целта беше да се ограничи движењето и комуникацијата на младите кои интензивно комуницираат во паркови, јавни површини, и по домови после затворањето на угостителските објекти, зашто беше констатирано дека тие се едни од главните преносители на вирусот.
Комисијата за заразни болести и министерот Филипче очекуваат на почетокот од неделава резултати од полицискиот час воведен пред 12 дена, од кои ќе зависи новата проценка за воведување рестриктивни мерки, а кои би значеле евентуално зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работата на угостителските објекти.
Во меѓувреме, во вчерашниот ковид – билтен, по направени 2.730 тестирања, регистрирани се 642 нови случаи на ковид-19, починале 25 лица, а оздравени се 524 пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Од новодијагностицираните најголем број се во Скопје 321, а со двоцифрена бројка се и Прилеп и Велес – по 40, Куманово – 27, Гостивар – 23, Кавадарци – 22 и Охрид – 20.
На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1.329 пациенти со ковид-19. Има околу 300 празни болнички кревети во ковид – центрите.
Од Министерството за здравство информираат и дека поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, во Скопје отворен е и Ковид – центарот на Клиниката за пластична хирургија.
Во тек е вакцинација против ковид-19 на здравствените работници. Според податоците објавени на сајтот kovid19vakcinacija.mk, досега против ковид се вакцинирани 6.142 здравствени работници, а вкупно пријавени граѓани за вакцинација преку сајтот vakcinacija.mk се 111.014.
Сто македонски новинари утре во Врање ќе имаат можност да се вакцинираат против коронавирусот, а потоа и да се ревакцинираат. Веста ја потврдија од Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ а вакцинацијата е на молба на Здружението на новинари на Србија (УНС) по барање на Македонската асоцијација на новинари (МАН).
Досега во земјата се направени вкупно 590.276 тестирања на ковид-19, а вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 119.378. Бројката на оздравени пациенти е 100.774, на починати 3.473, а бројот на активни случаи изнесува 15.131.