Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Продавница во шведскиот град Викен работи 24 часа дневно, а во неа нема ниту еден вработен, вклучително и на каса, бидејќи и неа ја нема. Како? Читајте надолу.
Возејќи се среде ноќ по улиците од гратчето Викен и барајќи продавница во која ќе може да купи храна за своето расплакано бебе (бидејќи единствената тегличка со храна која ја имале за таа вечер им паднала на под и се скршила), IT експертот Роберт Илијасон дошол на интересна, прогресивна и револуционерна идеја – отворање на маркет во кој ќе се продаваат најосновните намирници и продукти, а кој ќе работи 24 часа дневно и во кој ќе нема продавачи, касиерки и сличен персонал. Всушност, ќе нема никаков човечки персонал.
Во неговиот роден град, како и во сите други помали градови ширум светот, малите колонијали ги затворија своите врати при налетот на големите маркети и трговски центри, па жителите своите основни намирници кои си ги купуваа во маалските продавници, сега се принудени да ги набавуваат одејќи со автомобил до големите маркети.
Благодарение на неговата прогресивна идеја, во Викен за тоа веќе нема потреба, бидејќи од минатиот месец неговиот дуќан е достапен за сите жители, 24/7, а притоа Роберт нема никакви трошоци за вработени во истиот. Имено, во продавницата можат да влезат само луѓе кои претходно ја имаат симнато апликацијата од истата, а во која мора да ги внесат своите основни лични податоци како и бројот на нивната платежна картичка. Купените намирници не се наплаќаат на каса, туку преку мобилна трансакција, при која корисниците на апликацијата ги скенираат производите со апликацијата и на крајот од месецот добиваат сметка која треба да ја платат. Единствена човечка интервенција во оваа продавница е моментот кога треба да се наполнат полиците со производи, кога ќе се потрошат претходните залихи. А сето тоа Роберт го прави сам, бидејќи нема потреба од помош.
Прашањето за безбедноста
Секако, нормално е да се постави ова прашање. Работите во тој поглед стојат вака. Во случај вратата од продавницата да стои отворена повеќе од осум секунди или во случај на провала и кражба, Роберт автоматски добива предупредувачка СМС порака, а бидејќи живее во непосредна близина, може одма да тркне да види за што станува збор, или по потреба да повика полиција.
Илијасон верува дека неговиот дуќан нема да биде нешто многу привлечен за разбојници, бидејќи освен што во него нема пари во кеш, монтирани се и безбедносни камери за снимање на продавницата, а не се продаваат ниту лекарства, цигари и алкохол (кои би биле мотив за грабеж), туку само основни и секојдневни продукти како леб, млеко, храна за бебиња, пелени и слично.
Како најголем проблем Роберт го гледа повозрасното население кое може да има проблеми со користење на смартфон технологијата, поради што размислува за вработување на еден човек кој во продавницата ќе минува неколку часа дневно, за да им помогне на повозрасните жители при користење на апликацијата и купување преку телефон.
Во првите два месеци Роберт немаше проблеми со управувањето на продавницата, а во изјава за Associated Press рече дека планира слични продавници да отвори и во другите помали градови и села, бидејќи смета дека на тоа никој претходно не се сетил.