„Прочка 2019“: Прилеп пулсира во маскенбалскиот дух


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Прв, иницијален ден во прочкарскиот карневалски викенд во Прилеп. Градот пулсира и дише во духот на маските, карневалската атмосфера, со видливо расположение и позитивна енергија.

Весело и разиграно, со насмевки и позитивна енергија каква што само најмладите знаат да емитуваат, помина вториот ден од „Прочка 2019“, каде децата и нивните наставници од прилепските основни училишта и градинките настапија со 15 групни и поединечни маски.

Најмладите повторно ја покажаа својата детска креативност во пренесувањето на пораки преку маски. „Ние сме чувари на планетата земја“, „За чиста околина“, „Еколошка цветна пролет“, беа дел од маските со кои децата порачаа дека сите треба да се грижиме за животната средина. Инвентивноста на дечињата се покажа и преку прекрасните маски „Да си подадеме рака“, „Витаминки шејк“, „Деца на сонцето“ и преку другите маски со кои на прилепчани им го разубавија денот и го направија посебен детскиот карневал „Прочка 2019“.

Централното градско подрачје беше исполнето со детски џагор, со родители и посетители, не само од Прилеп туку и од повеќе градови од нашата држава.

Градоначалникот Илија Јованоски, изразувајќи го личното задоволство од вчерашниот прв ден на „Прочка 2019“, кога во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беа презентирани над 1.000 рачно изработени маски од страна на децата и нивните наставници од основните и средните училишта од нашиот град, го најави денешниот детски карневал и новитетот на годинешниот карневал, а тоа се уличните перформанси на уметниците од „Статуа Фест“.

„Денеска дефилираат младите до 14 години и тоа учениците од основните училишта и од детските градинки од нашиот град. Мислам дека посетителите ќе уживаат во денешните поединечни и групни маски, а уште повеќе што покрај овој конвенционален и редовен дел од овој карневал, ќе имаме и нов модерен дел каде што уметниците од нашиот град изведуваат улична уметност, вклучувајќи ги тука и „Статуа Фест“ кои ќе изведуваат интерактивна улична уметност со граѓаните. Јас се надевам дека ќе победат најдобрите учесници од денеска и сакам да го отворам денешниот дел од карневалот на општо задоволство на сите посетители и на сите наши гости. Сите заедно ќе уживаме во денешната претстава.“, изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

Претседателот на здружението „Мечкари“ и коорганизатор со Општина Прилеп на карневалот „Прочка 2019“, Ванчо Георгиев не го криеше задоволството од големата посетеност на вториот ден од карневалот и со задоволство потенцираше дека веќе се пристигнати гостите на карневалот од Турција и Бугарија.

„Оваа година како и сите години имаме прекрасни маски. Се надеваме дека ќе бидат креативни и добри, бидејќи се направени од најмилите од најмалите, што посебно ми претставува чест да ги гледам со големо внимание, бидејќи тие се иднината на прилепскиот карневал. Оваа година имаме и гости од странство, што значи дека веќе имаме и карневалски туризам во Прилеп“, нагласи Георгиев.

Наставничката Весна Арсиќ од основното училиште „Блаже Конески“, рече дека како и секоја година, така и годинава со нетрпение го очекуваат карневалот „Прочка“, бидејќи скоро 2 месеца таа и нејзините ученици работеле на кореографијата и на маската.

„Оваа година нашето училиште ќе се претстави со групната маска „Мадагаскар“. Преку оваа маска и преку животот на ликовите од цртаниот филм, сакаме да порачаме дека не постои ниту една причина и никој којшто може да си земе за право да ни ја скрати слободата, па и правото на избор доколку не направиме прекршок. Затоа сите да играме, да пееме, да се радуваме, да мислиме позитивно, бидејќи животот е игра, животот е песна“, додаде Арсиќ.

Прекрасната атмосфера, приредена од децата и перформансите на уличните уметници од „Статуа фест“ е одлична увертира за утрешното главно карневалско дефиле на „Прочка 2019“, каде посетителите ќе уживаат во поединечните и групните маски од Турција, Србија, Бугарија, Хрватска и од повеќе градови од Македонија.

Имињата на наградените на годинешниот карневал „Прочка 2019“ ќе ги соопшти жирито на карневалот, во состав: Благоја Атанасоски, Габриела Николоска, Хилда Црнеска, Рубинчо Белчески и Лилјана Неделкоска. Соопштувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде утре во ресторанот „Ла Каса Гранде“ во 21 часот.