„Прочка 2018“ запаметена по креативни и инвентивни маски


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Со карневалската забава со маски и доделувањето на наградите на најдобрите поединечни и групни маски, синоќа во Прилеп заврши меѓународниот карневал „Прочка 2018“. Добитник на најпрестижната Гран-при награда за „нај маска“ е традиционалната маска „Мечкарите“ од Птуј од Словенија.

А, карневалот годинава ќе се памети по креативни маски, по многу инвенција на учесниците, со кои се демонстрира и натаму продолжувањето на традицијата на преправање на овие простори, што трае со векови.
Оценувачката комисија на „Прочка 2018“, во состав: Хилда Црнеска-претседател и тројца членови: Габриела Шукуроска, Рубин Белчески и Благоја Атанасоски имаа тешка задача, да ги изберат најдобрите, а сите учесници беа со свои автентични маски со кои пренесуваа различни пораки.

„Жири комисијата имаше многу напорна работа. Имавме многу успешни маски, креативи, работеле очигледно многу време … Критериумите за оценка, беа за сè. Почнувајќи од чевли, костими, кореографија, сценски настап, изведбата и сето тоа допринесе да имаме една тешка работа за избор на најдобрите маски. Жалиме за оние,што не добија награди. Но, ова е „Прочка“ и нема лутење. Затоа, за наредната година ги покануваме на што помасовно учество и многу маски, за да ни биде работата уште потешка“, изјави Црнеска.
Добитниците на наградите со импресии ја раскажува својата приказна од моментот на пријавување, па сè до добивање на наградите. Зборуваа восхитени, за тоа, со колку многу љубов и трпение ги изработувале своите маска.
„Ја освоивме првата награда за перформанс, со маската ‘Оган’ во којашто учествуваме 16 мина. Работевме со месеци. Сега сме радосни што сме добитници на наградата и супер се забавуваме“, изјави Сандра, учесник во наградената маска, која што е репрезент на Будва.

Учесниците на карневалот,што допатуваа од Корча, ја освоија првата награда во категорија на странски маски. Тие радосни забележаа, дека секоја година имаат навистина пријатен престој во Прилеп.

Меѓу наградените се и маски што ги подготвуваа учениците со своите ментори од прилепските училишта.

„Ние сме претставници од ОУ Климент Охридски. Инспирацијата ја добивме од лектирата ‘Касни порасни’. Подолго време работевме на маската и го освоивме трето место во традиционалниот дел на детски маски“, вели менторот, Наташа Колеска.

„Ние сме од ОУ Рампо Левката, редовно учествуваме на карневалот и скоро секогаш сме меѓу наградените. Чест ми е што добивме прва награда со детската маска ‘Да ни венеат цвеќињата’, што ја чинат 30-ина ученици“, изјави менторот Благоја Дукоски од ОУ „Рампо Левката“.

Оваа маска ја освои првата наград на детскиот фестивал „Прочка 2018“,што се одржа во саботата во категоријата „традиционални маски“. Второто место им припадна на „Мудрите танчерки“ од ОУ „Добре Јованоски“ и третото место го освои ОУ „Климент Охридски“ со маската „Касни порасни“.

Во категорија на „современи маски“, првонаградена беше маската: „Свемирски суштества“ од ОУ „Добре Јованоски“, втората награда ја доби „Снешковци“ од ОУ „Кочо Рацин“ и трето место го освои „ПОП корн“, со дечињата од ЈОУ „Наша Иднина“. Во категоријата „театрални маски“, првата награда им припадна на „Музика за тронови“ од Крушево, „Пролетно будење“ од ОУ „Гоце Делчев“ и третото место ја доби маската „Петар Пан“ од ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“.

Во категоријата традиционални маски наградени се и „Ратевски бамбурци“ од с. Ратево, Беровско, на кои им е доделена прва награда. Втора награда доби маската „Кураичка крвава свадба“ од с. Куратица, Охридско и „Стари Странчинари“ од Мокриево ја добија третата награда.

Во категоријата „современа маска“, прва награда доби танцовиот клуб „Зодијак“ со „Аладин и волшебната ламба“, второнаградени се „Палави колачиња“ од Пробиштип и третонаградени се „Black Dolls“ од СОУ „Орде Чопела“.

За прв пат годинава е воведена категорија „странски маски“. Прво наградена е маската „Балкан“ од Корча., второнаградена е „Мажуретки“ од Бела Црква, Србија и третонаградена е маската „Оган“ од Будва, Црна Гора.