ПРОЧИТАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ДОГОВОР СО ГРЦИЈА: Членовите 7 и 8 најскандалозни!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Грчките медиуми веќе го објавија целиот договор за промена на нашето име, кој според она што може да се прочита е апсолутно недостоинствен, а порталот МКД.мк објави транскрипт на македонски јазик. Ние ќе ви го понудиме во целост, со соодветно објаснување на сите скандалозните делови.

Грчкиот весник Катимерини го објави целиот договор на англиски јазик (кликнете овде), а порталот МКД.мк објави транскрипт на македонски јазик. Договорот треба да го потпишат министрите Димитров и Коѕијас, а при самото читање се гледа дека е воопшто непропорционален, односно македонската страна не само што треба да се откаже буквално од се`, за што се борела во текот на сите овие години независност, туку има и членови кои не се потпишуваат дури ни после пораз во војна.

Така на пример освен најболното, што ќе мора нашето вековно име да го смениме дури и за дома, нема да можеме да го користиме во ниту еден случај, а тоа нема да смее да го користи ниту една институција во било кои делови на светот. На пример, доколку има спортски игри на ученици во некоја странска земја со која досега сме имале добри односи и го користела нашето име (Македонија), сега таа ќе биде обврзана за нас да го користи името Северна Македонија. Или доколку на некој филмски фестивал настапи македонски филм, сега тој ќе мора да биде ословен како филм од Северна Македонија.

Потоа, според договорот паѓаат во вода сите заложби на поранешните влади, да бидеме признати под уставното име. Скоро 140 земји од вкупно 193 не имаат признато под уставното име, и сега со овој договор, Грција успеа да го уништи сето тоа. Токму тоа укажа и грчката влада во нејзиниот нон-пејпер на која ја објасни својата голема победа во овој спор. На бројните заложби на видни македонски уметници (сетете се на Тоше Проески и неговото одбивање да настапи под ФИРОМ), интелектуалци, професори кои протестирале доколку требало да учествуваат во разни симпозиуми или семинари под име различно од Македонија, на сите нив сега им тураме пепел.

https://www.facebook.com/TosheProeskiOfficial/videos/10159984908985291/

Во членот 1 став 12 се наведува дека „втората страна“ ќе мора да ја смени преамбулата во која се потврдува историскиот континуитет на Македонија од Илинден и АСНОМ. Дали ќе се избрише и тоа, па ќе ја потврдиме грчката и бугарската теза дека сме измислена нација или како ќе го направиме тоа во иднина, нашите власти се уште немаат објаснување.

Сепак, според она што може да се забележи, најскандалозни се членовите 7 и 8. Ваква содржина на договор, не се потпишува дури и по загубена војна или дури ни при ултиматум за можна војна. Доколку го читате одбиениот ултиматум на Австро-Унгарија кон Србија пред Првата светска војна ќе забележите дека Србија одбила далеку поблаг ултиматум од многу помоќна земја како што била Австро-Унгарија, од ова што нас ни се сервира.

Имено, во членот 7 се наведува дека двете страни различно го сфаќаат терминот Македонци, и со овој потпис нашата страна всушност дава потврда на сите грчки досегашни заложби да докажат дека всушност ние сме го „украле нивниот идентитет“. Освен тоа, според овој и според членот 8, нашата држава се откажува од минатото на древните Македонци. Според досегашната македонска историографија, модерните Македонци се мешавина од побројните Словени кои дошле на Балканот и кои се измешале со староседелците од кои најбројни биле древните Македонци, од кои сме го добиле името и дел од културата и обичаите. Со овој договор, фактички историското македонско прашање се решава на начин кој е поблизок до грчката и бугарската верзија на историјата, а според која Македонците во антиката биле Грци, а од средниот век наваму се Бугари. Овде мора да искоментираме дека грчката страна си ја заврши работата со овој договор, а бугарската ќе треба уште малку да се потруди бидејќи според договорот Заев-Борисов за добрососедство, треба да има историски комисии кои ќе го потврдат или не, тоа.

Членот 8 продолжува со скандалозноста. Имено во него се наведува дека „втората страна“, односно ние, треба прво целосно да се откажеме од македонското сонце (поранешното знаме), во секаква неофицијална употреба. Имено, според овој договор, идните северномакедонски власти ќе мора да го отстранат овој симбол од сите јавни површини (го има во наши цркви, на плоштади, на разни други објекти). Потоа според овој член ќе мора да се откажеме од институтите за историја во кои се проучува античкиот период и да направиме целосна ревизија на учебниците. Имено, дури и во периодот на поранешна Југославија се учеше дека древните Македонци не биле Грци. Сега ќе мора да го промениме и тоа, и да дадеме потврда на грчката верзија на македонската историја.

Покрај тоа, во овој член со скандалозна содржина се наведува и дека „втората страна“ ќе мора и во домашна употреба да ги користи имињата на градовите на „првата страна“ онака како што ги нарекува таа. Со други зборови, ќе немаме право повеќе да ги нарекуваме градовите Лерин, Воден, Солун, Костур, со нивните вековни имиња и да го потврдиме грчкото бришење на историјата нарекувајќи ги Флорина, Едеса, Тесалоники, Касторија и тн.

И за крај, се прашуваме, доколку Грција еднаш по потпишана спогодба, ја погази единствената точка која се однесуваше на неа (да не го попречува приемот на Македонија во меѓународните организации), па изгуби дури и судски спор во Хаг, кој ќе ни гарантира дека нема да се случи истото? Имено, според досегашната практика, може Грција да не натера да го смениме името, а потоа официјално или неофицијално повторно да го попречува нашиот прием.

Исто така, се прашуваме, зошто Македонија избрзува со ваков историски штетен договор за идните генерации, ако се знае дека ЕУ најави оти ќе го смени начинот на донесување одлуки од едногласно со консензус, во мнозински начин. Имено, веќе ЕУ најави дека во иднина нема за најважните прашања да се бара едногласни одлуки (заради проблемите што ги прават ваквите спорови), туку ќе оди по системот на надгласување.

Во продолжение прочитајте го целиот договор од транскриптот што го објави порталот МКД.мк.