Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Бракот е едно премрежје од нивоа на кои поединците се реализираат себеси и помагаат да се реализираат другите во рамките на едно семејство. Секој брак нуди предизвици и ризици. Предизвици кои партнерите треба да ги прифатат и да се борат заеднички за да ги достигнат поставените цели. Нормално е секој брак да доживее издигања и падови, да се сретне со препреки и расплети. За испливување на површина потребни се двајца.
Живееме во еден модерен свет, кој секојдневно ни носи нови трендови на проблеми. Динамичниот и брз живот прави модернизација на браковите. Некои двојки сметаат дека бракот е еден обичен лист хартија, за други бракот е светост, но за сите проблемите се тие.
Најчестите проблеми со кои се соочуваат денешните бракови:
Финансиска стабилност – многу често младите не се земаат поради тоа што не се финансиски независни. Не се вработени, не се задоволни од работата, имаат ниски месечни примања и сл. Поради тие причини бракот се одложува за подоцнежните години.
Младите немаат сопствен имот – Во Македонија сеуште се живее под кров на родителите. Во некои семејства е така заради почитување на традицијата, а во некои едноставно толкава е финансиската моќ. Ваквата состојба претставува голем проблем и закана за бракот. Секојдневните активности на младите се под ,,будно” око од страна на родителите..свекор, свекрва, дедо, баба. Младите немаат самостојност и независност, немаат свој личен простор, па многу често си прекоруваат едни на други заради мешањето од страна на нивните родители. Во некои семејства покрај младите и нивните родители (свекор, свекрва) живеат и постари генерации (баба, дедо, неженет чичко, неомажена золва).
Префрлување на ,,топката” – многу лошо и непрактично е постојано да се обвинуваат партнерите меѓу себе. Ова се случува најчесто кај личности кои имаат ниска самодоверба, па имаат потреба да го обвинат и осудат нивниот партнер се со цел тие да се чувствуваат подобро. Друг начин на кој што поединците ја префрлаат вината кај нивниот партнер е моментот на ,,играње” на жртва во бракот. Со тоа тие го оправдуваат нивното однесување и прават да се чувствува виновно партнерот. Некои сопружници тоа го прифаќаат и всушност тоа претставува и еден начин на манипулирање. Едниот е постојано жртва, а другиот дежурен виновник.
Поделба на улоги во родителството – кога младите ќе станат родители, забораваат на нивните интереси и задоволства. Кај нас сеуште владее стереотипот: жената да биде и сопруга и мајка, а мажот да биде само сопруг. Една жена која е вработена неможе да ги заврши сите обврски без нечија помош, без помошта од нејзиниот сопруг. Детето кое се родило во нечиј брак е дете и на двајцата. Родителите мора свесно и подеднакво да се грижат за тоа дете и да си помагаат меѓусебно во извршување на обврските. Љубовта во бракот почнува да избледнува во оној момент кога младите ќе станат родители. Тогаш тие имаат двојни улоги, улога на сопружници и улога на родители. Не ретко се случува бракот да се распадне поради заладените односи меѓу партнерите заради што целосно се препуштиле и им се посветиле само на децата. Целата енергија се насочува кон воспитување и одгледување на децата и едноставно родителите се чувствуваат изморени и исцрпени за да се посветат и на нивниот партнер.
Недостаток на комуникација – во денешните модерни бракови комуникација скоро и да не постои. Исполнети со безброј обврски, партнерите поради замор и недостаток на концентрација одбиваат да разговараат помеѓу себе. Голем дел од комуникацијата во денешните бракови е невербална. Таа се одвива на социјалните мрежи…договор за ручек, пазарење на намирници за домаќинство, кој кога ќе заврши со работа итн. Со невербалната комуникација се испраќаат нејасни пораки кои можат да предизвикаат фрустрации кај партнерите. Многу често кога ќе се појави некаков проблем во бракот, еден од партнерите премолчува и не го кажува на глас она што смета. Доколку не се разговара гласно за проблемите, бракот може да се разниша и да дојде до негово поништување.
Потребен е личен простор – секој човек има потреба од личен простор. Партнерите многу често знаат да си ,,дишат” во врат еден на друг, и тоа резултира со одбивност и одмилување. И мажот и жената треба да имаат посебни лични активности кои ќе ги прават без нивниот партнер. Спорт, кафе- средби со пријателите, шопинг и сл.
Eлена Михајловска,
Институт за семејни студии, Филозофски факултет