Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет значи дека повеќе не сме расколници и тоа е историски чекор кон издавање томос за автокефалност на нашата црква.
Ова е генералната оценка познавачите на темите и проблемите од религијата и црковните прашања после веста која вчера пристигна од Фанар.
„Вселенската патријаршија ја призна црквата на Северна Македонија како Охридска црква“; „Вселенска патријаршија: Охридската црква на Северна Македонија станува канонска“; „Вселенската патријаршија ја призна шизматичката црква на Скопје; „Вселенската патријаршија ја призна црквата на Северна Македонија – задоволство во Скопје“, „Вселенската патријаршија ја прими скопската архиепископија во црковно општење“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната одлука за признавање на Охридската Архиепископија за канонска, јави дописничката на МИА од Атина.
Медиумите во Грција детално ги пренесуваат и соопштението од Вселенската патријаршија, но и реакции од кај нас.
Црковниот портал „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „Шах- матот“ на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско- српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“.
Додава дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.
-Со овој одлучувачки потег, Фанар става крај на новите аспирации на Русија да предизвика нова рунда конфронтации околу јурисдиктивните прашања, а црквата на Србија ја става пред своите одговорности за завршување на напорите за решавање на проблемот според Светите канони, коментира порталот.
Скандал! Скопје и ја украде Бугарската Охридска Архиепископија од Бугарија, е наслов во бугарскиот медиум Епицентар.
Македонската православна црква беше изненадувачки призната од Вселенската патријаршија како Охридска архиепископија – во изминатите години Бугарската архиепископија во Охрид беше од големо значење за опстанокот на Бугарите како народ и духовност. Тоа е, исто така, најдолгата постоечка црковна институција – речиси 750 години, пишува наведениот медиум.
Бугарската автокефална архиепископија во Охрид остана единствената бугарска духовна институција и со многу труд и работа успеа да го одржи жив христијанскиот дух кај Бугарите. Во XV и XVII век охридските архиепископи сè почесто почнале да се потпишуваат со титулата патријарх.
Признавањето на црквата „Охридска архиепископија за независна“ е предавство на националните интереси на Бугарија и и штети на Бугарија и на бугарската кауза во Македонија, смета бугарскиот историчар проф. Божидар Димитров.
Српската државна телевизија РТС не ја прифати добро одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае македонската црква под името Охридска архиепископија за канонска црква.
РТС објави текст со наслов „Вселенската патријаршија ја призна „северномакедонската“ црква за канонска“. Во текстот се пренесува дека медиумите во Скопје пишуваат за оваа одлука на Вселенската патријаршија и цело време се користи терминот „северномакедонска“ црква.
– Руската православна црква ги признава исклучителните канонски права на СПЦ во Северна Македонија. Ставот на РПЦ пред сѐ ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Северна Македонија, изјави секретарот на Одделението за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук.
Со одлуката на вчерашното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, Македонската православна црква – Охридска Архиепископија е призната за канонска црква. Потегот не значи томос за автокефалност, туку претставува објава дека МПЦ-ОА не е во шизма и раскол со православниот свет.
Вселенската патријаршија ја призна независноста на Украинската православна црква во 2019 година, додека Русија не ја признава нејзината автокефалност.