Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Станови, куќи, градежно земјиште, уметнички слики, имот во странство, накит, штедни книшки, но и кредити имаат министрите во новата Влада. Антикорупциската комисија (ДКСК) денеска објави со колкав имот располагаат членовите на новиот Владин кабинет, а на веб-страницата може да се види дека анкетен лист за имотната состојба не поднел единствено Самка Ибраимовски, министер без ресор, задолжен за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија, пренесува Призма во својата истражувачка статија.
Најбогат во новата Влада, според она што е пријавено во имотниот лист, е Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, кој пред новинарите го обелодени имотот од 28 милиони евра уште пред да биде објавен на веб-страницата на Антикорупциската комисија.
Со голем имот располагаат и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и Зоран Шапуриќ, министер без ресор, задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.
Со најголем имот во странство, пак, располага семејството на министерот за економија, Крешник Бектеши.
Премиерот Зоран Заев нема пријавено ништо на свое име, освен побарување по основа на даден заем од околу 70 илјади евра. Имотот на Заев што го пријавил во Антикорупциската комисија претежно се води на име на неговите родители – куќа и стан во Струмица, земјоделско земјиште во село Муртино и акции. На име на неговите деца тој има пријавено орочен денарски депозит од 26 илјади евра, а неговата сопруга има орочени депозити од над 7 илјади евра.
Наспроти ова, Зоран Шапуриќ, има три стана во вкупна вредност од 95 илјади евра, моторни возила „хјундаи“ и „сеат ибица“ во вредност од 3,4 илјади евра, а има и акции во вредност од над 37 илјади евра. Шапуриќ пријавил месечна плата од илјада евра и плата на брачен другар од околу 500 евра. Тој зема 150 евра од месечна закупнина и има годишна дивиденда и камата од над 5 илјади евра. На трансакциска сметка Шапуриќ пријавил вкупно 7,8 илјади евра, на девизна книшка и платежна картичка има 4 илјади евра, а како орочен девизен депозит во повеќе банки има 156.734 евра, 33.500 американски долари и 10 илјади швајцарски франци. Шапуриќ во сеф има и 10 илјади швајцарски франци и 14 илјади долари.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од личен имот пријавил куќа во Куманово, автомобил „пежо 307“, уметнички колекционерски предмети од над 4 илјади евра и денарски платежни картички на кои има над 9 илјади евра (личен имот, имот на сопруга и имот на родители). Министерот во 2010 година зел и кредит од 600 илјади денари. Од имот на родители, Спасовски има куќа, земјиште и шума во Куманово и во Старо Нагоричане.
Заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика, ги пријавил својот имот, имотот на родителите, на братот и на сопругата. На свое име тој единствено има автомобил „форд фиеста“ и кредит од 54 илјади евра. Неговиот брат има фирма, „Лика компани“, а неговата сопруга има дуќан во Приштина. Недвижниот имот на Лика и неговото семејство се состои од куќа, двор и деловен простор во Тетово и земјоделско земјиште во Дебар. Тој во анкетниот лист ја пријавил платата на сопругата од 500 евра и платата на неговиот брат од 300 евра.
Родителите на Бектеши имаат куќа во Приштина, два стана во Албанија и стан во Швајцарија | Фото: МИА
Министерот за економија Крешник Бектеши е на листата министри чии родители имаат најмногу имот во странство. Од личен имот тој пријавил куќа и градежно земјиште во Кичево од 826 квадратни метри и три автомобили од кои едниот „мерцедес бенз“од 40 илјади евра купен во 2012 година. Во 2015 година, Бектеши купува и „хјундаи тусон“ од 22 илјади евра. Како имот на неговите родители тој пријавил куќа во Приштина, два стана во Каваја, Албанија и стан во Базел, Швајцарија. Трите стана во странство се проценети на над 440 илјади евра.
Никола Димитров, министерот за надворешни работи, од личен имот има стан во Скопје, а на име на неговите деца има уште еден стан во Скопје. Заедно со сопругата, Димитров има стан во Хаг, Холандија, купен во 2014 година за над 300 илјади евра. Димитров има „мерцедес“ од 13 илјади евра, а месечно зема кирија од околу 500 евра. Тој, заедно со сопругата, на штедните книшки имаат над 87 илјади евра. Министерот за надворешни работи има и кредит што го зел во 2014 година на износ од 280 илјади евра кој треба да го враќа во наредните 30 години.
Министерот без ресор, Роберт Поповски, пријавил имот од над 120 илјади евра, од кои на негово име се води стан во Скопје, на име на брачниот другар пријавил стан и уметнички слики во вредност од 20 илјади евра, а на име на родителите – куќа и двор.
Министерот за здравство Арбен Таравари, од личен имот има единствено автомобил и денарски депозит од 6,7 илјади евра. Неговата сопруга има два стана во Скопје и златен накит од речиси 22 илјади евра. Родителите на Таравари, пак, имаат три деловни простори, две куќи и градежно земјиште во Тетово и во Гостивар.
Роберт Алаѓозовски, министер за култура, во својот анкетен лист пријавил дека има стан со сопругата во Скопје, автомобил и 2 илјади евра на девизна сметка. Тој не дал податоци за тоа колку средства има на трансакциските сметки во две банки.
Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, на свое име има само „голф“ од 1995 година. Неговите родители имаат куќа во Скопје и земјиште на кое не му ја пријавил вредноста.
Садула Дураки, министерот за животна средина и просторно планирање, има 21 илјада долари на девизна штедна книшка и возило „ауди А4“. Неговите родители имаат замјоделско земјиште, исто како и неговата сопруга, имот кој е стекнат со наследство. Дураки и сопругата имаат два автомобилa вредни околу 8 илјади евра.
Министерката за образование и за наука, Рената Тренeска Десковска, ги пријавила автомобилот на нејзиниот сопруг „даеву ланос“ од 2000 година, потоа заедничката „мазда 6“ од 6.500 евра, семеен накит во вредност нешто под 10.000 евра. Таа пријавила и неколку трансакциски сметки во нејзина и во сопственост на сопругот.
Нејзината колешка од Министерството за труд и социјала, Мила Царовска, како личен имот пријавила возило „тојота јарис“ од 2008 година, кредитна картичка со околу 30.000 денари и кредит од 7.800 евра кој го зела во 2014, а треба да го врати до 2019. Покрај личен имот, таа ги пријавила и куќите на родителите во Скопје, едната од 200, а другата од 90 квадрати.
Покрај неподвижен имот, Царовска ги пријавила и возилата на родителите „сузуки свифт“ од 1996 година и „хонда акорд“ од 2006.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, како личен имот пријавил стан во Скопје од 67 метри квадратни во вредност од 67.300 евра и автомобил „тојота рав 4“ од 2016 година во вредност од 28.000 евра, додека како имот на сопругата пријавил депозит од 20.000 евра.
Дамјан Манчевски, кој го раководи Министерството за информатичко општество и администрација, како личен имот пријавил возило „сеат алтеа“ од 2010 година вредно околу 13.000 евра и кредит од 14.000 евра земен 2012 година, кој треба да го врати 2027 година, додека како заеднички имот пријавил 530 квадрати земјиште, кое е половина од градежна парцела во општина Чучер Сандево.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, како личен имот пријавил возило „рено клио“ од 2017 во вредност од 14.000 евра и кредит од речиси 10.000 евра кој го подигнал годинава, а ќе го враќа во наредниве 36 месеци. Тој ги пријавил и пасиштето и земјоделското земјиште во сопственост на неговите родители, како и нивната куќа во Крива Паланка и автомобилот „фиат стило“ на неговиот брат.
Министерот без ресор, Рамиз Мерко, пријавил деловен простор од 1.200 метри квадратни во вредност од 280.000 евра во Струга, како и куќа од 400 квадрати, исто така, во Струга проценета на 200.000 евра. Тој пријавил и стан во Драч, Албанија кој се простира на 100 метри квадратни и вреди нешто над 33.000 евра и земјоделско земјиште и шума, повторно во Струга. Тој и сопругата имаат дадено три заеми во вредност од 73.000 евра.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, како личен имот пријавил „ауди А6“ од 2006 година, вредно 5.800 евра, кредит од 60.000 евра кој го подигнал 2012, а ќе го врати 2032 година. Како имот на родителите ја пријавил семејната куќа од 400 квадрати во Скопје, а неговата сопруга вози „опел корса“ од 2004 година.
Избраните и именуваните функционери имаат обврска 30 дена по стапувањето на функцијата и по заминувањето од функцијата да поднесат анкетен лист за имотната состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата. Во меѓувреме, се пријавува и секоја настаната промена во имотот на функционерите. Сепак, во Македонија не може да се знае колку збогатен еден функционер си оди од функцијата, бидејќи за ДКСК станува збор за личен податок, со оглед на тоа што лицето веќе не е на функција.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, пријавил куќа во Прилеп од 50.000 евра и стан во Скопје од 42.000, возило „сеат кордоба“ од 2008 и наследено градежно земјиште од околу 500 квадрати, исто така во Прилеп.
Министерот без ресор, Едмонд Адеми, како личен имот пријавил автомобил „рено меган“ од 2002 и преддоговор за купопродажба на недвижен имот вреден 28.000 евра, кој го пријавил како заедничк имот и 25.000 евра на денарската штедна книшка на сопругата.
Зорица Апостолска, која исто така е министерка без ресор, како личен имот пријавила возило „форд фокус“ од 2010, додека нејзиниот сопруг вози „поло класик“ од 2000 година и е сопственик на куќи во Скопје од 177 квадрати, во Ресен и во Ростуше, како и стан во главниот град кој се простира на 96 метри квадратни.
Министерот без ресор, Аднан Ќахил, како личен имот пријавил стан од 82 квадрати во Скопје, проценет на нешто над 80.000 евра, автомобили „форд мондео“ од 2008 и „мерцедес Е-класа“ од 2011, како и 60.000 евра од вратен долг.
Неговите родители имаат куќа во Скопје од 384 метри квадратни, а неговата сопруга стан во главниот град од 87 квадрати и двата недвижни имоти проценети по 97.000 евра. Неговите родители поседуваат и деловен простор во Скопје од 33 метри квадратни во вредност од 40.000 евра.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, како личен имот пријавила стан во Скопје од 50 квадрати, проценет на 45.000 евра, уметничка слика „Циганка“ од Никола Мартиновски од 1971 година, неколку банкарски сметки од кои најголем е орочениот девизен депозит од 13.235 евра, побарување по основа на даден заем во вредност од 10.000 евра и кредит од исто толкава вредност подигнат 2013, а треба да го врати до 2023 година. Таа пријавила и залог за потрошувачки кредит од 6.907 евра.
Шекеринска пријавила дека нејзиниот сопруг поседува три стана, од кои два во Скопје, од по 163 и 61 квадрат, како и стан во Охрид од 57 квадрати и повеќе денарски и девизни сметки.
Министерот за правда, Билен Саљији, како личен имот пријавил возило „фолксваген венто“ од 1995, и два кредита, едниот од 19.500 евра кој го подигнал во 2016, а треба да го врати до 2026 година, а вториот е од околу 5.000 евра, а го подигнал во 2009. Неговите родители поседуваат куќа во гостиварското село Добридол.
Избраните и именуваните функционери имаат обврска 30 дена по стапувањето на функцијата и по заминувањето од функцијата да поднесат анкетен лист за имотната состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата. Во меѓувреме, се пријавува и секоја настаната промена во имотот на функционерите. Сепак, во Македонија не може да се знае колку збогатен еден функционер си оди од функцијата, бидејќи за ДКСК станува збор за личен податок, со оглед на тоа што лицето веќе не е на функција.
Извор: Призма