Привремено се укинуваат неколку авионски линии на „Визер“ од Скопје


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ оваа зима привремено ќе укине седум линии од Скопје, објави специјализираниот портал ЕксЈуавиејшн.

Авиокомпанијата објави дека до крајот на март 2021 нема да ги има летовите до Барселона, Бремен, Хановер, Ларнака, Сандефјорд (Норвешка) и до два аеродрома во Шведска, Скавста во близина на Стокхолм и Вешо, а претходно беше укината и линијата до Салцбург.

Без овие линиии „Визер“ преку зимата ќе продолжи да одржува авионски линии од Скопје до 23 европски дестинации, но и тоа може да биде подложно на промени. Дел од овие линии во моментов се привремено суспендирани и нема да продолжат до стартот на зимската сезона 2020/21 кон крајот на октомври.

Скопје е најголемата и најпрометна база на „Визер“ во поранешна Југославија и минатата година, 60% од сите патнички летови од главниот град на Македонија отпаѓаа на унгарската нискобуџетна компанија. Минатата година команијата имаше лоцирано пет авиони од типот А320 и А321 во Скопје. Македонската влада на крајот на 2019 објави дека ќе инвестира 1,7 милиони евра во авионскиот сектор на земјата и најголем дел од овие средства беа наменети за „Визер“.

Скопскиот аеродром моментално опслужува седум авиокомпании. Во зависност од коронакризата, можно е оваа зима да оперираат и десет компании, кога своите летови би требало да ги обноват „Флајдубаи“, „Катар ервејс“ и полската „ЛОТ“.

Поради кризата од Скопје се повлече грчката Ејџиан ерлајнс, без најава кога би ги обновила летовите за Атина.