Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во рамки на истражувањето на New York Times за интернет софтверот за препознавање на лица од корисници, а кој е продаден на полициските служби и извршители на законот, речиси попатно беше откриен запрепастувачки податок дека компанијата која го иновираше овој систем опремен со вештачка интелигенција, има своја фотографска база со веќе собрани над 3 милијарди фотографии.
Овие фотографии се собирани од сите страни во рамки на глобалната мрежа, како од социјалните мрежи, така и од интернет страници на компании на кои се претставени нивните вработени. Бројот на собрани податоци ги надминува оние со кои вообичаено располагаат полициските станици, па дури и базите на податоци како онаа на ФБИ.
Малата приватна компанија Clearview AI, формирана со пари од еден од членовите на главниот одбор на директори на Фејсбук, Питер Тил, која стои зад овој проект, ја рекламирала својата база на податоци преку Фејсбук, ЈуТјуб и Венмо, и покрај тоа што тоа е недозволиво.
Основачот на оваа компанија за новинарите на New York Times изјавил дека „Фејсбук знае за собраните фотографии“, а дека другите социјални мрежи како Твитер, не дозволуваат преземање на било какви медиумски содржини од нивните платформи.
Од друга страна, неконзистентната регулатива во врска со користењето на ваква интернет алатка создава ситуации во пракса како онаа во Сан Франциско, каде локалните власти забраниле алатки за препознавање на лица, додека на федерално ниво ваква забрана не постои, пренесува Машабл.
Адвокатот од Американската унија за граѓанска слобода, Нејтан Фрид Веслер, во писмена изјава вели:
„Ова е вознемирувачко сведоштво за опасноста која ја носи со себе технологијата за препознавање лица и итен повик законодавците веднаш да ги спречат извршителите на законите да ги користат овие податоци“.
Во продолжение од својата изјава Веслер додава: „Полицијата не би требало да истражува и бара луѓе врз основа на база на податоци кои се незаконски собрани од приватна компанија“.
Од Clearview AI тврдат дека преземаат само јавно објавени фотографии и дека од нивна страна, како што сметаат, сè е чисто.
И додека извршителите на законот засега се главни клиенти на оваа компанија, Clearview AI има во план понатамошно проширување и соработка со компании кои произведуваат „паметни очила“.
Оттука, во иднина, еден брз поглед низ ваков вид на очила би бил доволен за да се открие вашиот идентитет, личните податоци, животната историја. Затоа, внимавајте што и каде објавувате, особено кога станува збор за Фејсбук.