Актуелно

Притисок на Берлин: Меркел „ја зема во раце“ работата околу решавање на спорот за името?

Дел од политичките аналитичари, после иформацијата за телефонскиот разговор на Ангела Меркел со Ципрас и утрешната најавена средба на германската канцеларка со Зоран Заев, коментираат дека Берлин притиска на решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција.

„Двајцата лидери Ципрас и Меркел разговараа за текот на разговорите за прашањето за името на ПЈРМ, провокативната воздухопловна активност на Турција во Егејското море и евро-турските односи“, се наведува во кусото соопштение од кабинетот на грчкиот премиер, пренесува Нова ТВ.

Грчката телевизија Скај, повикувајќи се на свои извори, објави дека „Ципрас на Меркел и ја потенцирал потребата за конечно решение во спорот, со промена на уставното име на соседната земја“.

Утре пак во официјална посета на Берлин, патува владина делегација предводена од Заев.

Според Љупчо Петковски од „Евротинк“ вклучувањето на Меркел е јасен сигнал за меѓународно посредништво во разговорите, но позициите на двете страни, според негови проценки се и натаму длабоко спротиставени.

-Посетата на Заев на Берлин, како и телефонскиот разговор на Ципрас со Меркел и најавената нивна средба во наредните неколку денови, се јасен сигнал дека постои силна меѓународна иницијатива чија цел е да резултира со решение на спорот. Не смее да се заборави дека позициите на странките се длабоко асиметрични, и дека главниот притисок е на македонската страна. Исто така, станува збор за иницијатива која се одвива по утврдена динамика, затоа што средбите се закажани од поодамна, вели Петковски.

Според него, целиот процес на преговори на крајот ќе се сведе на игра на нерви – ако сакаат договор и двете страни ќе мора да направат отстапки.

-Можеме со сигурност да кажеме дека решението ќе е фазно и хибридно, и дека ќе биде плод на дипломатски вештини преку кои ќе се бајпасираат дел од прашањата за кои страните не можат да постигнат договор кој целосно би ги отсликувал нивните позиции. Во ваков тип на преговори „ништо не е договорено, додека се не е договорено” односно додека секој детал од пакетот не е разјаснет, вели Петковски.

Според Петковски видливо е благо ретерирање од оптимизмот особено на македонска страна што може да се толкува или како преговарачка тактика или како знак дека преговарачите се соочуваат со „преголеми залаци“ на кои не сметале во првичните калкулации.

Едно од клучните прашања за кои двете страни се на различни позиции е менувањето на уставот на што инсистира Грција.

Дел од грчките медиуми веќе пишуваат дека „Гордиевиот јазол би можел да се пресече со меѓународна спогодба, ратификувана од Советот за безбедност на ОН, која од моментот кога ќе се потпише, на ниво на меѓународен правен поредок, ја надминува силата на уставниот поредок на било која земја“.

Ова, според грчките медиуми би требало да биде една од можните варијанти за надминување на спорот за уставот. Поранешната шефица на грчката дипломатија денеска повтори дека тие инсистираат спорот за името да се решава во пакет, а не во фази.

,,Ако постои страв за нешто, тоа е токму решението да се подели на делови. Односно поделбата на делови на решението може да доведе до тоа, да речеме дека најдовме едно Х име, а потоа останатите работи, иредентизмот, имплементацијата, спектарот, Уставот, итн… да ги оставиме. Ова ќе биде смртна грешка, рече Дора Бакојани за телевизија Скај.

Според неа решението треба да биде прифатено од целата меѓународна заедница.

По средбата со Заев, Меркел ќе има средба со Ципрас во петок на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top