Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ одбележува 70 години постоење


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со премиерната изведба на претставата „ Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски, од вчера, понеделник, 17 февруари. прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ го започна одбележувањето на 70-годишнината од формирањето.

По тој повод, оваа тековна недела ќе биде „Недела на театарот“, со која освен премиерата на „Лажговци“ и проектот „Move the beat with Actors and The Hounds“, ќе бидат прикажани уште 5 други претстави од тековниот репертоар.

Завесата првпат се кренала пред точно 70 години, на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Првите актери што стапнале на сцената биле Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева… Потоа дошле следните генерации, за сега ансамблот на театарот да има 18 актери. Низ седумте децении се развивал и растел акцентирајќи го домашното драмско творештво. На прилепската театарска сцена првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески… Премиерите се ределе една по друга, се нижеле успесите и падовите на театарот.

Театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од центарот за култура „Марко Цепенков“, досега прикажал над 350 премиери и околу 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,5 милион луѓе. Најгледани и најиграни претстави низ годините се „Од кол на кол 1“ во режија на Коле Ангеловски, која 11 години е на репертоарот, и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, исто така во режија на Коле Ангеловски. Во досегашното постоење, најуспешна претстава е „Тапани во ноќта“ од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која стана бренд на македонскиот театар. Со „Тапаните“, театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-от МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.