Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
На еден ден пред почетокот на годинешното 16-то издание на „Пивофест 2018“, Прилеп е подготвен да ги пречека учесниците и посетителите на најголемиот фестивал на пиво и скара во нашата држава.
За што поуспешна организација на „Пивофест 2018“, Општина Прилеп формираше координативно тело во кое учествуваат претставници на Полициската станица – Прилеп, службата за Итна медицинска помош, Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи, Агенцијата за храна, јавните комунални претпријатија и други институции. На денешниот редовен состанок на координативното тело, со кое раководи градоначалникот Илија Јованоски, беше констатирано дека Прилеп, од секој аспект, е подготвен за почеток на „Пивофест 2018“.
„Пред малку го одржавме редовниот состанок со раководителите на јавните претпријатија и сите релевантни институции кои што учествуваат во реализација на годинешната програма, за да имаме комплетно исполнување на сите аспекти за успешно одржување на ‘Пивофест 2018’. Овие институции 24 часа дневно, во текот на сите 4 денови, ќе се грижат храната да биде безбедна, а хигиената, редот и мирот на високо ниво. Сите заедно, овие 4 денови ќе се дружиме, ќе се забавуваме, за што се обезбедени потребните услови. Во оваа прилика сакам уште еднаш да ги повикам сите граѓани на Република Македонија, да дојдат во Прилеп и да го посетат ‘Пивофест 2018’“, изјави Јованоски.
Истовремено, градоначалникот Јованоски упати апел до сите гости и учесници на „Пивофест 2018“, да се забавуваат, да наздравуваат со мерка, но и да внимаваат на еколошката чистота и зачувувањето на животната средина.
Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити“, во име на организаторот истакна дека кога е во прашање музичкиот дел, програмата е направена за вкусовите на сите посетители.
„Оваа година за разлика од претходните, имаме поголема застапеност на македонските артисти, што значи дека издвојуваме повеќе простор за македонската уметност, но не значи дека завршува само на тоа. Имаме познати балкански ѕвезди, што значи дека можеме да упатиме покана до целиот Балкан, не само до домашната јавност. Ќе го видиме големиот Жељко Јоксимовиќ, кралот на народната музика Шабан Шаулиќ, македонскиот музички ‘амбасадор’ Кирил Џајковски, а во петок ќе имаме убава рок вечер со ‘Црвена јабука’ и ‘Ван Гог’. Гарантираме дека фестивалот ќе биде добро обезбеден, дека сите институции ќе функционираат онака како што треба, а ние како организатори ќе одговориме на сите барања на публиката“, нагласува Манасијески.
И годинава посетителите од другите градови со авантуристички дух, ќе можат да кампуваат во Паркот на револуцијата, каде покрај бесплатниот појадок и топлите напитоци, на располагање ќе имаат и туш кабини. Во однос на минатите години, цената за паркирање на возилата е намалена од 100 денари, на 50 денари за еден ден.
Фестивалот на пивото и скарата „Пивофест 2018“, започнува утре, четврток 12 јули и ќе трае до недела, 15 јули.