Пријавени над 20 кандидати: Истече рокот за кандидатура за државен јавен обвинител


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Местото државен јавен обвинител претендираат да го заземат 23 кандидати. Рокот за доставување на апликациите измина викендов, но се чекаа и последните пријави кои преку пошта стигнале денеска до Собранието. Сите пријави попладнево се очекува да бидат испратени до Советот на јавните обвинители, кој треба да даде мислење за секој од кандидатите.

Меѓу кандидатите што први и јавно ја објавија својата кандидатура беа поранешниот јавен обвинител и адвокат Александар Наков, адвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Тортевски, нотарката Лорија Ваневска и професорот Сејфула Османи. А пријави до Собранието стигнале и од поранешниот судија Валентин Зафировски, судијата Лазар Нанев, членот на Советот на јавните обвинители, Љупчо Јовевски, и обвинителката од организиран криминал, Лидија Раиќевиќ.

Советот има 15 дена да ги оцени позитивно или негативно кандидатите и потоа да ги испрати во Владата. Владата, пак, избира еден од кандидатите што ги исполнува критериумите во огласот и добил позитивна оценка од Советот и го предлага во Собранието за избор. За да биде избран новиот јавен обвинител, треба да добие поддршка од 61 глас.

Претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, неодамна изјави дека се надева оти на местото на разрешениот Марко Зврлевски ќе дојде човек од Обвинителството.

„Тамам работа ако нема човек во Обвинителството што може да ја заврши таа работа. Мојот личен став е дека јас преферирам тоа да биде човек од нашите редови“, изјави Штерјев.