Home Љубов и секс Пријатели или непријатели: Зошто амбивалентните односи се поопасни за вашето здравје дури и од токсичните

Пријатели или непријатели: Зошто амбивалентните односи се поопасни за вашето здравје дури и од токсичните

Дали знаете што е полошо од токсична врска? Амбивалентна врска.

Иако на прв поглед може да изгледа помалку штетна, реалноста е сосема поинаква. Амбивалентните односи – познати и како “фрeнeмис” – можат да имаат далеку поразорен ефект врз нашето психичко и физичко здравје.

Но, што всушност претставуваат фрeнeмис и зошто се толку опасни?

Во срцето на конфузијата: Што се амбивалентните односи?

Амбивалентните врски се оние што функционираат во “сива зона”. Замислете партнер кој е истовремено грижлив и љубезен, но во исто време критичен и љубоморен. Или пријателка која ве поддржува и ве разбира, но истовремено зрачи со натпреварувачки дух и суптилно ги намалува вашите успеси.

Овие односи се емотивни ролеркостери – од една страна нудат топлина и поддршка, но од друга страна создаваат чувство на несигурност, фрустрација и стрес. И токму тука лежи нивната најголема замка – додека во токсичните односи негативноста е очигледна, во амбивалентните остануваме збунети и раздвоени помеѓу љубов и разочарување.

Зошто амбивалентните односи се поопасни од токсичните?

Нашиот мозок многу полесно ги обработува јасните закани. Кога сме соочени со луѓе кои ни будат негативни емоции, природно се повлекуваме од тие ситуации. Но, што се случува кога личност што ни значи предизвикува и позитивни и негативни чувства?

Оваа емоционална збунетост го активира нашиот одговор на стрес, што значи дека телото останува во состојба на продолжена напнатост. Каков е резултатот? Континуирана нервоза, анксиозност и постојано анализирање на секој чекор. Истражувањата покажуваат дека средбите со луѓе кои предизвикуваат мешани чувства го зголемуваат крвниот притисок и го забрзуваат срцевиот ритам – дури и повеќе отколку средбите со луѓе кон кои имаме чисто негативни емоции.

Емоционална исцрпеност и здравствени последици

За разлика од токсичните односи, каде штетата е очигледна, амбивалентните врски се подмолни и тивки саботери на нашето ментално здравје. Покрај емоционалната исцрпеност, тие често доведуваат до депресија и намалена способност за справување со стресот. Постојаната борба помеѓу љубов и разочарување создава внатрешни конфликти и непотребно анализирање на секој детаљ – што дополнително не исцрпува.

Освен тоа, разочарувањето предизвикано од луѓе кои некогаш не усреќувале е многу поболно и потешко за надминување. Овој вид на емоционална конфузија доведува до губење на довербата не само во другите, туку и во сопствената интуиција и проценка.

Како да ги препознаете и да излезете од зачараниот круг?

Препознавањето на амбивалентен однос е првиот чекор кон заштита на вашето ментално и физичко здравје. Кога ќе сфатите дека некој во вашиот живот предизвикува контрадикторни емоции, запрашајте се: Дали повеќе се чувствувате среќни или разочарани после средбата со таа личност? Дали често се чувствувате збунето и несигурно? Ако одговорот е потврден, време е да поставите граници и да се заштитите. Искрено разговарајте со личноста за тоа како се чувствувате, но исто така бидете спремни да се оддалечите ако ситуацијата не се менува.

Запомнете – вашата емоционална благосостојба е поважна од одржувањето на врска која ве исцрпува. Бидете доволно храбри да го изберете себеси и своето здравје, затоа што вистинските пријатели и партнери никогаш нема да ве остават во состојба на емоционална конфузија.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Како да препознаете дали е само страст, а не љубов?

Заљубувањето е толку едноставно, но одржувањето на тие чувства е она што претставува пробл…