При инспекција куќата во Чаир во која се одржуваше верска настава најдена празна


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерството за труд и социјална политика изврши уште еден вонреден инспекциски надзор и увид во објект на ул. 173 бр. 8 во Чаир врз основа на сознанијата за постоење нелегална установа со назив „Блета“, која згрижувала деца од предучилишна возраст и вршела воспитување од верски карактер.

„При инспекцискиот надзор во посочениот објект не биле затекнати деца, ниту вработени лица, а надворешниот изглед и уредувањето на дворот упатуваат дека таму се одвивале активности од воспитувачко-згрижувачки карактер“, соопшти МТСП.

Од таму велат дека испратиле официјално известување до Министерството за внатрешни работи во врска со минатонеделниот увид во неколку објекти, кој беше извршен на 21 јули, а во текот на денот ќе го достави и записникот од денешниот надзор.

Минатата недела 20 деца на возраст од 6 до 11 години со две наставнички биле затекнати во објектот каде што се оддржувала настава со верски обреди.

Инспекторите тогаш откриле дека децата учеле молитви, поклоненија и други религиозни заповеди секој работен ден, од 11 до 16 часот.

Вонредната акција била спроведена по дојава на вознемирени граѓани кои знаеле за оваа „настава“, по што било констатирано дека Министерството не издало соодветно решение за работа на предучилишна установа за деца.

По барање на инспекторот од Државниот инспекторат за труд за увид во документацијата за работа на објектот во кој се случува оваа незаконска дејност, било кажано дека целокупната документација ја поседува сопственикот на хуманитарното здружение „Мустафа паша“, кој е турски државјанин. Исто така, од кажување на присутната наставничка, оваа хуманитарна организација имала повеќе објекти со ист воспитно-образовен карактер, но не знаела каде се наоѓаат.