Превод на француски јазик на „Вештица“ од Венко Андоновски со предговор од Кундера


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Издавачката куќа „Кантокен“ од Брисел на француски јазик го објави романот „Вештица“ на Венко Андоновски, кој содржи и предговор од познатиот писател Милан Кундера. Книгата на француски интегрално ја превела Марија Бежановска-Левавсер, но потоа во консултација со Андоновски, сопственикот на „Кантокен“ Стефан ван Рид и преведувачката Петра Поповски направиле корекции за да го доловат стилот на оригиналниот текст.

Стефан ван Рид денеска на промоција во Друштвото на писателите на Македонија рече дека веднаш му се допаднал мал извадок од романот што го прочитал на блог на преведувачката и решил да го преведе во целост.

– Ми се допадна начинот на гледање на несоодветниот третман на жените кои биле нарекувани вештици во средниот век,  неговиот стил на пишување и односот меѓу  реалноста и фикцијата, како и тоа што може да биде разбран во секоја земја. Тоа е светски стил и светски концепт, рече Ван Рид.  Соопшти дека книгата е дистрибуирана во книжарници во Белгија и Франција, ја има и на  „Амазон“, како и на веб-страницата на „Кантокен“.

Јована Андоновска од македонската издавачка куќа „Лакрима литералис“ рече дека иако преводот од Бежановска е направен пред неколку години, книгата е објавена сега благодарение на контактот со Ван Рид и со поддршка на Националниот центар на книгата на Франција и на Министерството за култура на РМ кое почна да субвенционира преводи на македонски дела од странски издавачи.

– Еден таков љубовен роман каков што е „Вештица“, вредно е да биде објавен на еден од најљубовните јазици на светот, рече Андоновска.

„Лакрима литералис“ објави ново издание на „Вештица“ на македонски, кое е осмо од појавата на романот во 2006 во издание на „Табернакул“. Тоа е дополнето со предговорот на Кундера, преведен на македонски.

Чешкиот писател со светско реноме, кој живее и твори во Франција, пофално го оценува романот на Андоновски и во три страници текст, меѓу другото, вели дека е роман на третата епоха, која почнува заедно со 20 век.

– Во ова мајсторски полифонично дело во кое разноликоста на наративните техники изненадува и го одушевува читателот, спомнувањето на вешетерството е постојано проследено и збогатувано со приказни кои се поставени во сегашно време, во сегашниот живот, со што „Вештица“ станува грандиозен роман за Европа. Минатата и сегашната Европа…Не сакам да го прераскажам овој неповторлив роман. Ве молам прочитајте го. Со љубовта која богато ја заслужува, пишува Кундера.

Андоновски отсуствуваше од промоцијата, но во писмена изјава напишал дека нема поголем ден во неговата кариера, поголем дури и од денот кога пред 14 години ја добил „Балканика“ за „Папокот на светот“.

– Овој ден е голем затоа што оваа книга, која кај нас помина речиси незабележано по однос на наградите и критиката, доби прекрасен предговор од големиот Милан Кундера, мој идол. Не сум можел ни да помислам дека еден ден, мојот идол ќе се изјасни за мене исклучително позитивно и со пофалби. Но ете – чудата се можни…, пишува Андоновски, кој во својот роман „Папокот на светот“ од 2001 ги користи имињата на ликовите од Кундеровиот роман „Шега“.