Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот претседател Стево Пендаровски во друштво на неговата сопруга Елизабета Ѓеоргиевска денеска присуствуваат на погребот на кралицата Елизабета Втора, каде што во Вестминстерската опатија ѝ оддадоа последен поздрав.
„Ѕвоната биеја 96 пати на секоја минута означувајќи ја должината на нејзиниот живот. Последен поздрав на Нејзиното Величество, кралицата Елизабета Втора, во Вестминстерската опатија каде што беше извршена државната погребна служба. Нека почива во мир“, напиша Пендаровски објавувајќи фотографии од присуството на погребот.
По службата, претседателот присуствуваше на приемот што го приреди секретарот за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство, Џејмс Клеверли.
„Вчера, претседателот Пендаровски во Вестминстерската сала оддаде почит на посмртните останки на кралицата Елизабета Втора, а во Ланкастер хаус се потпиша во книгата на жалост. Вчеравечер претседателот Пендаровски во Бакингемската палата присуствуваше на приемот што за шефовите на делегациите го приреди Неговото Величество, кралот Чарлс Трети“, соопштија од кабинетот на претседателот.
На погребната служба во Вестминстерската опатија присуствуваа над 2 000 високи гости од целиот свет. Ова е прва погребна служба за монарх во опатијата од 18 век до денес.