Претседателот Пендаровски со сопругата ќе присуствува на државниот погреб на Елизабета Втора


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓорѓиевска ќе присуствуваат на државниот погреб на британската кралица Елизабета Втора, што ќе се одржи на 19 септември во Лондон, информираат од неговиот кабинет.

Додека Британија тагува за смртта на својот монарх со најдолг стаж, во Лондон веќе се во тек подготовки за она што се навестува дека ќе биде една од најголемите дипломатски настани на векот.

Голем број шефови на држави и влади од целиот свет, како и европски кралици и кралеви, се очекува да присуствуваат на државниот погреб на кралицата на Обединетото Кралство, Елизабета Втора, која почина во својата 96. година од животот.

Лидерите, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, веќе потврдија дека ќе присуствуваат на погребот на кралицата, јави Политико.

На погребот присутни ќе бидат и претседателите на Италија, Серџио Матарела и на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.

Меѓу другите, пишува Политико, на погребот најверојатно ќе присуствува и јапонскиот цар Нарухито – кој можеби ќе патува заедно со царицата Масако и премиерот Фумио Кишида, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и францускиот претседател Емануел Макрон.

Шпанија најверојатно ќе ја претставува кралот Филип Шести, кој има крвни врски со британското кралско семејство кое датира од 19 век. На погребот најверојатно ќе пристигнат и членови на други европски кралски семејства, вклучително и од Белгија, Данска, Холандија, Норвешка и Шведска.

Државниот погреб на кралицата Елизабета Втора ќе биде во Вестминстерската палата во Лондон на 19 септември.

По шест часа патување од нејзината летна резиденција во Балморал, каде што почина на 8 септември, ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора вчера пристигна во главниот град на Шкотска, Единбург. На патот кон градот, десетици илјади граѓани ги преплавија улиците за да ја испратат за последен пат кралицата која 70 години владееше со кралството Британија.

Патувањето од Балморал е првото од низата која следува до државниот погреб на кралицата.