Претседателот Пендаровски му го врачи мандатот за формирање Влада на Ковачевски


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, денеска, во претседателскиот кабинет му го врачи мандатот за состав на нова влада на новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

По добивање на мандатното писмо, Ковачевски рече дека веднаш започнува да го формира тимот кој ќе треба да одговори на сериозните предизвици кои нè чекаат уште од почетокот на следната година. Истакна дека главна одлика на новиот тим ќе биде чесното владеење.

Ковачевски, вчера во телевизиско интервју рече дека планира предлог составот на Владата да биде поднесен на 11 јануари, по што согласно роковите, да биде закажана седницата за избор на новата влада. Тој има намера повеќе да се посвети на економската и внатрешната политика во државата, за разлика од неговиот претходник во партијата и во Владата, Зоран Заев.

Околу спорот со Бугарија порача дека историјата не може да биде единствена тема на разговор меѓу две соседни држави.

Тој смета дека може да се најде решение за спорот со Бугарија, почитувајќи го достоинството на двете држави и дека го очекува премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во Скопје за да разговараат околу начинот за решавање на проблемот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера изјави дека согласно целата постапка за избор на нова влада, таа би ја преземала функцијата на 17 јануари 2022 година. Тој изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, сите преговарања што се направени претходно и сите најави по однос на евентуални поединечни персонални решенија кои беа изнесени во јавноста.

За да биде избран, за предложениот владин кабинет на Ковачевски треба да гласаат најмалку 61 пратеник во Парламентот. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека не очекува никаков пресврт во однос на политиките на Владата предводена од Ковачевски. Тој претходно посочи дека главните потези во владата на СДСМ ги има Али Ахмети и ДУИ, посочувајќи дека „15 пратеника на ДУИ владеат со 120 и со државата“.