Претседателот Пендаровски ги одликуваше Леб и Сол со Орден за заслуги за Македонија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски синоќа на свечена церемонија во Вила Водно ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со Орден за заслуги за Република Македонија.

Во своето обраќање на церемонијата, Пендаровски истакна дека меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои се Македонците, доволно е да се цитира музичкото творештво и наследство на „Леб и сол“, кои и во 21 век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели, додека ги почитуваат сопствените корени.

„Вечерва ве пречекавме со леб и сол, традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи, нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците и секаде каде што постои таа традиција таа означува една иста работа – а тоа дека гостите се добредојдени. Само кај нас во македонскиот јазик тој израз има и друго посебно значење. Имено, кај нас леб и сол означува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер. Зборуваме за музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан“, рече Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека уште од нивниот прв албум објавен далечната 1978 година, „Леб и сол“ се дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion“ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето.

„Патувањето на ‘Леб и сол’ од Скопје до меѓународно призната музичка постава е доказ за моќта на нивното креативно изразување кое далеку ги надминува националните граници. Преку специфичните миксови на наследството на нашата нација со планетарните музички влијанија, ‘Леб и сол’ не само што го збогатија културниот идентитет на македонското општество, туку, дадоа суштински придонес и за развојот на музиката и на глобално ниво“, кажа Пендаровски на церемонијата денеска.

„Леб и сол“ е македонска џез/рок група, основана на 1.1.1976 година, во скопската населбa Тафталиџе.