Пресуда: Две години затвор за Никола Груевски за случајот „Тенк“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Bившиот премиер Никола Груевски, кој не присуствуваше на изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, судот го прогласи за виновен и му изрече казна затвор од 2 години, плус надомест на паричните трошоци.

Обвинетиот Ѓоко Поповски беше прогласен за виновен за кривичното дело за кое се гони доби казна 6 години и 6 месеци затвор.

Обвинетиот Никола Груевски доби две години затвор за примање награда и противзаконито влијание во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес, а Ѓоко Поповски доби 6 години и шест месеци за злоупотреба на службена должност и овластување. Пресудата ја изрече судијката Добрила Кацарска.

Во судницата беа присутни четворицата адвокати на Груевски, кој не се појави на изрекувањето на пресудата. Со лисици на рацете беше донесен и Ѓоко Поповски, кој заедно со Груевски е обвинет во случајот „Тенк“, а кому вчера му беше изречена затворска казна од 9 години за случајот „Триста“, што се однесува на незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР, пренесува „Макфакс“.

Во предметот „Тенк“ првообвинета е ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на која ѝ се заканува казна затвор од најмалку 5 години за поттикнување во извршување на кривичното дело. Нејзе ќе ѝ се суди во издвоена постапка поради ризичната бременост. Првото рочиште е закажано в понеделник, 28 мај. Судењето за „Тенк“ започна на 30 јануари годинава и траеше приближно 3,5 месеци.

За време на изрекувањето на пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“, пред судот се одржа протест.