Престижниот The Discoverer порачува: Баталете го Дубровник, одете во Охрид


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако го смести луксузниот Дубровник на листата со пет светски популарни туристички дестинации кои, поради гужвите и лошиот однос и став кон туристите, луѓето би требало да ги одбегнуваат, престижниот сајт The Discoverer, како опционална замена за Дубровник, го препорачува Охрид.

„Посетата на старото историско јадро Дубровник е врв за кој било одмор во Хрватска, но метежот во тесните улички не придонесува за квалитетно искуство“ – пишува патеписецот на „Discoverer“, Џулија Хамонд.

Пренаселеноста на градот е зголемена со бројот на туристите.

„Кога на тоа ќе се додаде дека градот е познат по неговата улога во популарната Game of Thrones, добивате проблем од епски размери. Властите беа принудени да го ограничат бројот на луѓе што можат да шетаат на безбедна квота од 4.000 на ден “- вели таа.

„Наместо да се обидувате да бидете еден од среќниците што ќе добијат карта за посета на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во соседната Македонија. Градот изобилува со шарм, од ресторани на езерото до древни цркви и манастири што се наоѓаат на секој агол. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја што ќе ве воодушеви, особено бидејќи можете да уживате во мир, без метежи“ – наведува Џулија.

На листата со петте непожелни дестинации се најде и Барселона, а наместо неа, „Дискаверер“ препорачува посета на шпанската Екстремадура.

На второ место е Маја Беј во Тајланд, што треба да го замените со посета на Кох Муку во истата земја, следува Галапагос со алтернатива Исла Магдалена во Чиле и на крајот се препорачува да го избегнете Мачу Пикчу во Перу и да го посетите античкиот локалитет Морај што се наоѓа во близина.