Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Првиот човек на Бугарија, премиерот Бојко Борисов го пречека премиерот на Македонија Зоран Заев во Софија каде што се одржува лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, со кој копретседаваат Македонија и Бугарија.
„Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот регион ги ставаат поблиску до членството во ЕУ. Денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Заедничкиот регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан“, рече Заев по пристигнувањето во Софија.
Во македонската делегација предводена од Заев, се и вицепремиерите Фатмир Битиќи и Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во бугарската делегација, покрај Борисов е и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
На самитот ќе се обрати германската канцеларка Ангела Меркел, на чија иницијатива почна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.
На пленарната сесија на самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес се очекува да учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан како и заменик-претседателот на Европската комисија, Жозеп Борел, и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.
Пред почетокот на Самитот, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева најави дека ќе им предложи на двајцата премиери да биде свикана Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, која не се состанала речиси година и пол, иако во меѓувреме, како што рече, се насобрале многу прашања.
Таа повторно ги повика македонските власти да го почитуваат и спроведат Договорот за добрососедство и да ги разгледаат бугарските забелешки.
„Имаме забелешки не само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата со поврзаноста меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но тоа беше пред пандемијата на коронавирусот. Но, овој напредок воопшто не е доволен“, изјави Захариева.
Шефицата на бугарската дипломатија кажа и дека Скопје не треба да се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Софија да замижи на неспроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
„Бугарија е исклучително категорична. Ние сакаме да видиме во преговарачката рамка дека Договорот ќе се спроведе, дека РС Македонија нема никакви претензии за малцинства. Има над 15.000 антибугарски публикации. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата на омраза. Не можеме да бидеме сојузници во НАТО, а бугарските војници да се нарекуваат фашистички окупатори. Треба да се вратиме на тонот на добрососедството и спроведувањето на Договорот“, рече Захариева.
Според неа, неосновани се обвинувањата на македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров дека Бугарија го крши членот 2 од Договорот со блокирањето на Севрена Македонија за ЕУ.
„Ги повикувам подобро да го прочитаат членот 2 од Договорот и тој се почитува од страна на Бугарија. Во него се вели дека Бугарија ќе ја поддржи РС Македонија на евроатлантскиот пат, споделувајќи го своето искуство, но тоа не значи дека не можеме да имаме услови. Изјавата дека само Бугарија има барања кон Македонија за исполнување на критериумите не е точна“, вели Захариева.
Сепак, и покрај недоразбирањата, таа го оцени како успешно заедничкото претседателство на Бугарија и РС Македонија со Берлинскиот процес.