Премиерот Ковачевски смета дека парламентарното мнозинство е стабилно и со излегување на Демократскиот сојуз од Владата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонскиот премиер Димитар Ковачевски смета дека парламентарното мнозинство е стабилно и реконструкцијата ќе биде изгласана со повеќе од 64 гласа, по последните турбуленции коишто се случуваат во владиниот двор, пренесува Дојче Веле.

Во пресрет на владината реконструкција, лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во понеделникот (13.02) соопшти дека ја напуштаат Владата, а заменик-министерот за локална самоуправа од нивните редови, Зоран Димитровски, изутринава поднесе оставка од функцијата.

„Одлуката што ја донесе Демократскиот сојуз (ДС) не претставува нарушување на силината и стабилноста на парламентарното мнозинство. Ме радува што ДС останува на европскиот пат што не можеше досега да се потврди во пракса, освен декларативно“, вели Ковачевски.

Напуштањето на мнозинството Трајанов му го најавил на премиерот во петокот. „Очекувам дека во текот на денот функционерите, мислам на заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски ќе поднесат оставки. Се надевам дека Трајанов како искусен политичар нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев“, изјави Ковачевски.

Премиерот е убеден декавладиното мнозинство е силно и стабилно и дека реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласови. „Реконструкцијата што ја поднесов не беше водена од персонални и кадровски побуди, туку за државата да има стабилно мнозинство, да се донесат економските закони и правосудните, да се реализираат реформите, да не се дозволи блокада од опозицијата. Сметам дека сите владини партнери се за ефикасна работа на Собранието, а Алијанса за Албанците ќе го зајакне мнозинството“, истакна Ковачевски.