Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
На овогодинешното, 14. издание на Филмскиот фестивал во Рим, новиот игран филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски ја доживеа својата светска премиера која се одржа во салата „Петраси“, во комплексот „Паркот на музиката”.
Како што соопшти Министерството за култура, екипата од филмот присутна на фестивалот помина и на црвениот килим, а на проекцијата присуствуваше и министерот за култура Хусни Исмаили.
Претходно завчера имаше утринска проекција на „Врба“ за новинарите, а потоа и прес-конференција со режисерот Манчевски и со актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.
„Врба“ на Фестивалот во Рим е селектиран во официјалната програма меѓу 33 филмови од 25 земји во светот.
„Најавувајќи ја програмата, уметничкиот директор на Фестивалот, Антонио Монда, го опиша филмот на Манчевски како „прекрасен“. Тој додаде дека годинава Фестивалот е во знакот на жената: елегантен и стамен, поими кои реферираат и на „Врба“, кој говори за мајчинство, љубов и доверба“, се наведува во соопштението на Министерството за култура.
Фестивалот беше отворен на 17 октомври со најновиот филм на актерот и режисер Едвард Нортон, „Бруклин без мајка“, во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.
Филмскиот фестивал во Рим е голем културен настан каде што публиката има можност за директен разговор со најголемите режисери, актери и писатели. Исто така, паралелно со Фестивалот има и голем филмски маркет за пласман на филмовите и за склучување нови проекти.
„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, НаталијаТеодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во другите улоги настапуваат: Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.