Преговори, предлози, одговори: СДСМ и ДУИ уште на оваа фреквенција


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


СДСМ одговорил на предлогот на ДУИ за двојазичност, што е дел од преговорите меѓу овие две партии за формирање на собраниско мнозинство и на нова влада. Неофицијално, најголемите разлики веќе биле надминати. Но, портпаролот на ДУИ вчера предупреди дека нивниот предлог за измени во Законот за употреба на јазиците не е предмет на преговори, туку може само да се надополни, но не и да се стесни.

Наредните денови повторно ќе се очекува одржување на седница на централното претседателство на ДУИ кое ќе го разгледува одговорот на СДСМ на нивниот предлог за употребата на албанскиот јазик на цела територија на Македонија. Очигледно е дека само прашањето на двојазичноста останало да се усогласува меѓу двете партии. Нема информации дали двете партии ги усогласиле и другите услови од платформата на трите партии на Албанците во Македонија (ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса).

Во ДУИ постојано повторуваат дека не отстапуваат од своите предлози за новиот закон за јазикот, дека е потребна сериозна дебата и дека не треба да се брза во донесувањето на одлуката за коалиција со СДСМ или за нови избори.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев неодамна изјави дека ќе прифати сѐ што е во рамките на Уставот и се што е во интерес на практичната потреба граѓаните Албанци.

Вчера портпаролот на ДУИ Бујар Османи за ТВ Телма изјави дека ниту еден член од нивниот предлог за двојазичноста не излегува од рамките на Уставот и како таков не е почетна позиција за преговори и дека не е предмет на преговори.

Тој може да се надополни, но не може да се стесни ниту во една негова буква, изјави Османи.

По петочната средба на лидерите на ДУИ и на Алијансата за Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села, јавноста беше информирана дека ќе се формира тело кое треба да напише предлог закон за јазиците. На овој состанок не присуствуваа претставници на Беса.

Од ВМРО ДПМНЕ и натаму изјавувааат дека најдобар излез од оваа политичка криза се нови предвремени парламентарни избори кои би се одржале кон крајот на мај или почетокот на јуни. Претставници на оваа партија исто така изјавуваат дека комуникацијата со ДУИ воопшто не е прекината.