Предвремени избори или реконструкција: ЦО на СДСМ заседава во Охрид


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес во 16:00часот ќе почне деветтата седница на Централниот одбор на владејачката партија во Охрид, каде ќе се дискутира за најавената реконструкција, „метлата“ или евентуалните предвремени избори.

На дневен ред се и суштинските промени во партијата, новиот систем на дејствување и работа на партијата и напредокот на државата.
Метлата, која лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ја најави по завршувањето на претседателските избори почна токму во неговата партија. Сите 78 претседатели на општински организации се сменети од позициите. За тоа тој како лидер, според партискиот статут, има директна надлежност.

Разрешени се и целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели на партијата, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и координаторката на Форумот на жени на седницата на Централниот одбор минатиот месец.

Според одлуките, што беа донесени со консензус, разрешени беа Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.