Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Предлогот на француското претседателство на Европската унија, кој треба да биде база за решавање на бугарско-македонскиот спор и отстранување на ветото на официјална Софија за почеток на пристапните преговорите, стигнал до членовите на Комисијата за надворешна политика на бугарското Народно собрание, пренесува Дојче Веле.
Сепак, документот не е поставен на официјалниот портал на Собранието, како што е вообичаена пракса во таквите ситуации, затоа што неговата содржина е прогласена за „тајна“.
Францускиот амбасадор во Софија, Флоранс Рубин во четвртокот им го претставил документот на членовите на групата за пријателство со Франција во бугарското Собрание, јавува Бугарското национално радио. Притоа било дискутирано дали владата го има неопходното мнозинство да го протурка документот во парламентот.
Во средата, владата на премиерот Кирил Петков најави дека секое прифатено решение кое одскокнува од утврдените бугарски позиции за спорот со Македонија ќе биде ставено на гласање пред парламентот. Досегашното владејачко мнозинство, во меѓувреме, се распадна и неизвесно е дали Петков може да собере доволно гласови со кои ќе се одобри отстранувањето на ветото.
На 22 јуни е закажано гласање за доверба на владата во Петков. Претседателот Румен Радев во петокот и се закани на владата со „тешки последици“ доколку го отстрани ветото без да води сметка за државните интереси.
Според неофицијални информации, францускиот предлог предвидува дел од бугарските барања да се вметнат во Преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Таквиот предлог веќе го одби најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а не е сигурно дека ќе биде прифатен ниту од владата. Процедурата предвидува најпрво за него да се изјаснат членките на ЕУ, Франција како актуелен претседавач и Бугарија како засегната страна, а потоа да оди кај македонската страна.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во петокот оцени дека преговорите за тргање на ветото се „ќорсокак“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во петокот на Фејсбук објави документ за кој тврди дека е францускиот предлог. Во него се предвидува исполнувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија од 2017 година, заедно со билатералните протоколи, да влезе во Преговарачката рамка. Дополнително, во текот на преговорите ќе се води сметка да им се посвети „посебно внимание“ на правата на малцинствата и заедниците во Македонија.