Предлог буџетот за образование – повеќе пари за спортски сали, помалку за училишта и наука


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во рамки на буџетот за 2020 година, за образование и наука се предвидени 821.558.000 денари, нешто повеќе од годинава (811.098.000). Но, повеќе од половината се планирани за изградба на училишни спортски сали во основни училишта (418.849.000 денари).

Помалку пари за високото образование, за наука, за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови, за ученички стандард, но повеќе за плати на вработените во образованието. Ова е заклучокот што се добива ако се спореди предлог-буџетот за Министерството за образование и наука за 2020 година со годинешниот буџет.

Вкупниот буџет за образование за следната година е проектиран на 26,7 милијарди денари (26.785.938.000) или за околу 11 милиони евра повеќе од годинашниот, кој изнесуваше околу 26 милијарди денари (26.096.948.000), но со ребалансот се намали на 25,2 милијарди денари.

Ако се споредат годинешниот со предлог-буџетот за 2020 година, кој е во собраниска процедура, најмногу ќе се офајдат вработените. Иако реално имаме поголем буџет за образование, сепак, поголемо покачување е предвидено во ставката децентрализација. Годинава за оваа намена имало 14,4 милијарди денари, а сега 16,1 милијарди денари. Зголемен е буџетот за плати и надоместоци, како и за блок-дотациите.

За основното образование се одвоени 997.267.000 денари, а годинава имаше 1 милијарда денари. Значи, имаме мало намалување. За средно образование се предвидени повеќе средства од годинава. Тука има 903.475.000 денари, а во 2018 година имаше 849.295.000 денари.

Најголемо кратење има кај високото образование, за кое се одвоени речиси 6,2 милијарди денари. За разлика од годинава, имаме речиси 4 милиони евра помалку за високообразовните институции. Повеќе од половината од овој буџет е предвиден за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој ќе добие 3,6 милијарди денари.

Науката повторно не е на агендата на Владата, иако научниците од земјава со години апелираат дека имаме најниска ставка за оваа намена во регионот.

За наука за 2020 година се одвоени 343.194.000 денари, или речиси 5,5 милиони евра. Годинава имавме околу 415,6 милиони денари, кои со ребалансот спаднаа на 369,3 милиони денари.

Помалку пари во буџетот се предвидени и за ученички стандард и за студентски стандард. За ученички стандард имаме 237.150.000 денари, а за студентски 590.200.000 денари.

Кога се во прашање инвестициите во образованието, предвидени се 821.558.000 денари, нешто повеќе од годинава (811.098.000), но повеќе од половината се планирани за изградба на училишни спортски сали во основни училишта (418.849.000 денари).

Во описот и целите за 2020 година во предлог-буџетот пишува:
„Aктивностите на Министерството за образование и наука се насочени кон реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија преку развивање интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемувањето на економскиот раст и продуктивноста на трудот, ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места, ќе обезбеди поголема општествена интеграција во етничка, регионална, социјална и културолошка смисла и ќе го поттикнува критичкото мислење и активното граѓанство. Истовремено една од основните цели е и целосен опфат на децата во основното и во средното образование, зголемување на квалитетот на системот за основнo и средно образование, реализирање на високообразовната дејност која ги опфаќа додипломските, последипломските и докторските студии“.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција истакна дека предложениот буџет за наредната година вложува во човечки капитал.

– Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар буџет е оној буџет што ги адресира приоритетите – а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал – изјави Ангеловска.

Со ребалансот на годинешниот буџет вкупните расходи на Министерството за образование и наука се намалија од првично предвидените 26,1 милијарди на нешто под 25,3 милијарди денари. Најголеми кратења имаше во
високото образование – 329 милиони денари, па инвестиции во образованието – 218 милиони денари. Во основното образование беа скратени 147 милиони денари.