ПРЕД ПРЕПОЛНА САЛА: Промовиран романот „Овде или во вечноста“ од Билјана Тинтоска


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Синоќа, градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше претесна да ги собере стотината вљубеници во пишаниот збор кои дојдоа на промоција на првиот роман на професорката по македонски јазик и литература, Билјана Тинтоска.

Промоцијата на првиот роман на Билјана Тинтоска беше исполнет со голем емотивен набој. Читањето на делови на романот кој меѓу другото, раскажува за вистинска семејна драма за деца кои биле одземени од биолошките родители, ги трогна присутните во градската библиотека во Прилеп, па можеше да се забележи голем наплив на емоции, а неретко и солзи.


Професорке, како сте задоволни од промоцијата?

„Ова е мој прв објавен роман, во издание на МАТИЦА МАКЕДОНСКА. Посебно е чувството кога се промовира првенец, како да се обзнанува новороденче. Навистина сум пријатно изненадена од многубројно присуство на роднини, пријатели, драги колеги, а посебно на моите драги ученици. Емоциите се силни и не можат да се искажат со зборови“, ни рече професорката Тинтоска.


За што се работи во романот?

„Станува збор за прозна творба, конципирана како становиште од две димензии. Едната димензија ја опфаќа раскажувач, инволвиран како директен учесник во настаните, а другата е набљудување од страна. Темата во романот е комбинирана, па опфаќа семејни, емотивни, социолошки и религиозни димензии. Темата е животот и сите сегменти што го сочинуваат подеднакво: среќата, радоста, болката, борбата, копнежот. Но, над се се издигнува љубовта како врвна категорија, љубовта – онаа безусловната, чија суштина и олицетворение е Бог. Љубовта, во сите свои варијанти, ми беше инспирација. И се надевам дека овој текст ќе им биде поттик на младите генерации да ги запазуваат вистинските вредности и да се стремат кон совршена и вистинска љубов, која е мост меѓу минливото и вечното. Искрено верувам дека младите, па и сите луѓе, ќе ги сфатат вистинските вредности на книгата, како ризница на духовното богатство на човекот.“


К.С.