Пред Кривичен мирно, нема протести утрово


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Пред Кривичниот суд во Скопје утринава нема граѓани кои протестираат против приведувањата на лица за учество во настаните во Собранието од 27 април годинава. Сообраќајот, како што јавува МИА, се одвива нормално.

До доцна синоќа пред Кривичниот суд протестираа приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ и членови на семејствата на приведените. Протестот почна вчера попладне на повик од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

На протестот се обратија актуелни и поранешни пратеници, членови на опозициската партија, кои повикаа за итно ослободување на приведените лица.

Инаку, во Кривичниот суд заврши распитот на приведените за насилствата во Собранието на 27 април. Тие се осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“.

Од Судот за МИА изјавија дека решенијата за сите приведени се подготвуваат и оти се очекува да бидат објавени во текот на денот.

Синоќа им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена на пет лица меѓу кои на поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и на оперскиот пејач Игор Дурловски, кој беше дел од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

На две лица им е одредена мерка куќен притвор.

Пратеници кои беа приведени вчера се пуштени и за нив се чека одговор од Собранието од кое Судот побара одземање на пратеничкиот имунитет. Вчера беа уапсени 36 луѓе, меѓу кои и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.