Актуелно

Пред 46 години луѓето последен пат ја посетија Месечината

Денешниот ден е многу значаен за човештото и за неговата трка за истражување на вселената, бидејќи токму на овој датум пред 46 години последен пат луѓето зачекорија на површината на Месечината.

Сите знаат дека Нил Армстронг и Баз Олдрин се првите луѓе кои стапнаа на Месечината и тие ја понесоа сета слава, но голем дел од луѓето не знаат кои се последните луѓе кои стапнале на единствениот природен сателит на Земјата.

Нивните имиња се Јуџин Цернан и Харисон Шмит, а тие на 14 декември 1972 година ја посетија Месечината како дел од мисијата на НАСА наречена Apollo 17.

Цернан беше командант на мисијата, додека Шмит ја имаше улогата на пилот на лунарниот модул. Шмит воедно е и единствениот научник кој отпатувал надвор од ниската Земјина орбита. Заедно со нив во мисијата беше и пилотот на командниот модул, Роналд Еванс, кој во текот на трите дена (колку што траеше мисијата) беше сам во орбитата околу Месечината.

Apollo 17 е лансиран на 7 декември од космодромот во вселенскиот центар Kennedy, а во месечевата орбита пристигна три дена подоцна. На патот до Месечината настана и најпознатата фотографија од Apollo мисијата, прославената „Blue Marble“.

Цернан и Шмит се спуштија на површината на Месечината на 11 декември и во текот на трите дена во кои беа таму, чекореа по нејзината површина повеќе од 22 часа.

Мисијата заврши на 14 декември и тие тогаш го започнаа нивниот пат до Земјата, а како што стои запишано дека Армстронг е првиот човек кој стапнал на Месечината, така историјата го памети и Цернан како човек кој последен стапнал на неа. Барем засега.

Екипажот на Apollo 17 успешно се приземји на нашата планета на 19 декември, слетувајќи го вселенскиот шатл во Тихиот Океан.

Advertisements
To Top