Православните христијани празнуваат Цветници, католичките го слават Велигден


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Православните христијани денеска го чествуваат верскиот празник Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица.

Цветници секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, градот во кој по неколку дена ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен.

Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Верниците на Римокатоличката црква денеска го одбележуваат најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден. По повод празникот, бискупот скопски и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати велигденска честитка.

„За нас Велигден значи дека чувствуваме присуство на воскреснатиот Христос во неговата Црква. Тој е со нас и останува со нас. Ние сме вградени во неговото таинствено тело на Црквата, така што неговиот живот е и наш живот. Затоа, да не губиме надеж, Бог е често наш тивок придружник кој нè придружува како што ги придружуваше двајцата ученици додека одеа кон Емаус. Можеби ќе го препознаеме кај некои луѓе што ќе ги сретнеме, кај нашиот брат или сестра кои страдаат и на кои ќе им пружиме рака и ќе им помогнеме со својата љубов. Тој е наша надеж и сила во секојдневниот наш живот. Нека Тој, воскреснатиот Христос и Господ, нè доведе до Неговата светлина во Неговото Царство на љубовта, радоста и мирот. Честит празник Воскресение Христово – Велигден! Христос воскресе!“, се вели во велиднската честитка на бискупот скопски и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов.