Православните христијани денеска го слават Цветници


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица.

Овој празник ја одбележува последната недела пред почетокот на Исусовите страдања, смртта и Воскресението.

Цветници се празнува ден по Лазарева сабота – чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос, шестата недела од Великиот пост, една недела пред Велигден. Се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, градот во кој по неколку дена ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар.

На тој ден, Исус Христос, придружуван од своите ученици и мноштво народ, тргнал од Витинија за Ерусалим. Кога стигнал Исус до подножјето на маслиновата гора испратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат Осле (магаре). Учениците му донеле, ги ставиле на магарето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим, поздравен од мноштво народ. Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исус, воодушевениот народ со цвеќе, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, празникот Цветници е востановен уште од најрани христијански времиња, а свечено се одбележува од 3 век.