Пратениците изгласаа покачување на платите во администрацијата за 5 отсто


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешната собраниска седница по скратена постапка беа изгласани измени на Законот за исплатата на платите, што предвидува од септември 2019 година платите да бидат зголемени за 5 проценти за сите вработени во јавниот сектор.

Пратениците изгласаа потреба за донесување на законот по скратена постапка, по предлог на пратениците Јован Митрески, Ејуп Алими, Мерал Узеири-Ферати, Неџбедин Каремани, Мирослав Јовановиќ, Јусуф Хасани и Јагода Шахпаска.

Пратеникот Јован Митревски образложи дека покачувањето за 5 отсто на платите во јавниот сектор ќе ги опфати буџетските корисници – јавните установи, локалната самоуправа, социјалните фондови, агенциите итн…

„Со оглед на тоа што не станува збор за сложен и обемен закон, предлагаме да биде донесен по скратена постапка“, рече Митревски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги задолжи претседателите на две собраниски тела – Комисијата за труд и социјална политика, како матична, и Законодавно-правната комисија, да одржат седници за да го разгледаат и да се произнесат за предлогот.