Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Во првиот круг од локалните избори што се одржаа вчера избрани се градоначалници во 45 општини, додека за градоначалничките места во 35 општини ќе се одлучува во вториот круг што ќе се одржи на 29 октомври.
За Градот Скопје извесно е дека ќе победи Петре Шилегов од СДСМ бидејќи од досега обработените 98,10 проценти тој води со 50,27 проценти во однос на неговиот противкандидат Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ кој има освоено 36,10 проценти од гласовите.
Шилегов, објави МИА, денеска на прес-конференција прогласи победа уште во првиот изборен круг.
Во првиот круг решени се и градоначалничките места во скопските општини Ѓорче Петров, Карпош и Центар, а извесно е дека нов градоначалник ќе има и општина Аеродром. Овие градоначалнички мандати ги добија кандидатите од СДСМ, Александар Наумовски, Стефан Богоев, Саша Богдановиќ и Златко Марин.
Втор круг најверојатно ќе има во скопската општина Кисела Вода каде засега е тесна разликата меѓу Филип Темелковски од СДСМ со освоени 49,67 проценти и Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 45,27 проценти.
Со сигурност втор круг ќе има во Гази Баба меѓу кандидатот на СДСМ Борис Георгиевски кој освои 47,70 проценти и Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ со 44,91 процент. Втор круг ќе има и во скопската општина Бутел каде влегуваат кандидатот на СДСМ Велимир Смилевски со освоени 49,56 проценти во првиот круг и Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ со 38,71 процент.
Во скопски Чаир во вториот круг ќе бидат Висар Ганиу од ДУИ кој има освоено 38,97 проценти и Зекирија Ибрахими од Беса со 33,5 проценти. Втор круг ќе има и во Шуто Оризари откако во првиот во предност е кандидатот на СДСМ Курто Дудуш со 39,79 проценти пред Елвис Бајрам од Сојуз на Роми со освоени 38,18 проценти. Во Сарај, во првиот круг води Блерим Беџети од ДУИ со 48,24 проценти, наспроти Башким Бакиу од Беса со 27,76 проценти.
Во првиот круг СДСМ победи во Арачиново со Миликије Халими која освои 57,81 проценти од гласовите, во Берово со Звонко Пекевски со 60,96 проценти, во Битола со Наташа Петровска со освоени 59,77 проценти и во Богданци со Блажо Шапов кој освои 55,37 проценти. Градоначалнички мандат СДСМ доби и во Босилово каде Зоран Зимбаков освои 53,80 проценти, во Валандово со Перо Костадинов со освоени 55,31 процент, во Василево со Марјан Јанев со 52,52 процента и во Вевчани со Сашо Јанкоски со освоени 53,15 проценти. Во Велес во првиот круг победи Аце Коцевски со освоени 53,51 процент.
СДСМ освои градоначалничко место и во Гевгелија каде нивниот кандидат Сашо Поцков освои 54,55 проценти, во Дебрца со Зоран Ногачески со 56,70 проценти, во Делчево со Горан Трајковски со 51,83 и во Демир Хисар со Марјанче Стојановски со 55,43 проценти. Нов градоначалник од редовите на СДСМ има и во Дојран каде Анго Ангов освои 58,19 проценти.
Во првиот круг гласањето е завршено и во Зелениково каде Борче Гиевски од СДСМ има 59,22 проценти, во Конче каде Благој Илиев освои 55,23 проценти и во Кочани каде Николчо Илиев освои 55,80 проценти. Во Кратово нов градоначалник е Љупчо Бојаџиев со освоени 57,11 проценти, Рубинчо Шефтероски во Кривогаштани со 53,90 проценти и во Крушево, Тони Христовски со освоени 60,63 проценти. Во Куманово нов градоначалник е Максим Димитриевски со 52,53 проценти, во Лозово, Ацо Велковски со 55,18 проценти, во Маврово-Ростуше, Медат Куртовски со 55,85 проценти., во Неготино победник во првиот круг е Тони Делков со 51,44 проценти и во Ново Село – Боро Стојчев со 52,13 проценти.
Нов градоначалник од СДСМ доби и Охрид, каде Јован Стојаноски освои 54,07 проценти, Драган Тренчовски со освоени 52,65 проценти е нов градоначалник на Пехчево, а во Прилеп, Илија Јованоски освои 51,07 проценти. Герасим Конзулов со освоени 50,13 проценти е нов градоначалник на Радовиш, во Ресен нов градоначалник е Живко Гошаревски со освоени 55,03 проценти. Изборите се завршени во првиот круг и во Свети Николе каде Сашо Велковски освои 50,17 проценти и во во Струмица каде нов градоначалник е Коста Јаневски со освоени 59,45 проценти.
Нов градоначалник ќе има и Крива Паланка каде според обработените 97,87 проценти од гласовите убедливо води Борјанчо Мицевски од СДСМ со 58,01 процент во однос на неговиот противкандидат Арсенчо Алексовски од ВМРО-ДПМНЕ со 38,31 процент.
ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг победи во Илинден каде актуелниот градоначалник Жика Стојановски доби уште еден градоначалнички мандат со освоени 57,34 проценти, во Петровец каде актуелниот градоначалник Борче Митевски освои 62,05 проценти и во општина Сопиште каде Стефче Трпоски освои 50,78 проценти.
ДУИ доби градоначалнички мандати во Кичево каде победи актуелниот градоначалник Фатмир Дехари со освоени 60,36 проценти и Пласница каде нивниот кандидат Исмаил Јахоски освои 59,12 проценти.
Во Ранковце нов градоначалник е Ивица Тошевски од група избирачи кој освои 58,27 проценти, а кандидатот од група избирачи Јован Пејковски со освоени 51,40 проценти е новиот градоначалник на Чичер Сандево. Во Центар Жупа со 70,48 проценти нов градоначалник е Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.
Втор круг ќе има во Виница каде кандидатот на СДСМ Ивица Димитров во првиот круг освои 48,64, а Мартин Павлов од ВМРО-ДПМНЕ освои 46,16 проценти. Втор круг ќе има и во Градско каде Роберт Бешовски од СДСМ има освоено 42,01 процент, а Жанета Чаушевска од ВМРО-ДПМНЕ 35,23 проценти. Во Демир Капија во благо водство во првиот круг е Лазар Петров од СДСМ со освоени 49,48 наспроти Трајче Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 46,97 проценти.Во Јегуновце Дарко Блажевски од СДСМ со освоени 41,90 проценти е во водство во првиот круг пред Тони Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ со31,36 проценти. Јордан Насев од СДСМ со освоени 48,17 проценти ќе оди во вториот круг со неговиот противкандидат Зоран Минов од ВМРО-ДМНЕ кој освои 33,88 проценти. Во Македонска Каменица во вториот круг ќе бидат Соња Стаменкова од СДСМ која во првиот круг освои 49,32 проценти, а Дарко Митевски од ВМРО-ДПМНЕ 45,96 проценти. Во втор круг во Македонски Брод ќе одат и Живко Силјановски од СДСМ со освоени 49,17 проценти и Милосим Војнески од ВМРО-ДПМНЕ со 29,26 проценти.
Во Росоман втор круг ќе има меѓу Бранко Јанев од СДСМ со освоени 49,35 проценти, и Стојанче Лазов од ВМРО-ДПМНЕ 45,78 проценти. Во Старо Нагоричане во вториот круг одат Жаклина Јовановска од СДСМ со освоени 44,43 и Елена Јаќимовиќ од ВМРО-ДПМНЕ со 26,53 проценти. Втор круг ќе има и во Чашка, каде Горан Стојановски од СДСМ во првиот круг освои 49,29 проценти, а Горанчо Пановски од НДМ освои 24,27 проценти.
Во општина Могила во првиот круг 38,06 проценти освои Стево Пивковски од Група избирачи, а Јасмина Гулевска од СДСМ освои 35,31 процент.
Втор круг ќе има и во Зрновци каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Блажо Станков во првиот круг освои 48,50 проценти, а Ванчо Митев од СДСМ 28,20 проценти. Во Кавадарци кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев освои 49,39 проценти, а неговиот противкандидат Бетиане Китев освои 46,96 проценти. Во вториот круг во Новаци ќе бидат Лазар Котевски од ВМРО-ДПМНЕ кој освои 44,96 проценти, а Љубе Кузмановскиод СДСМ 34,98. Втор круг ќе има и во Пробиштип, каде Тони Тоневски од ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои 46,49, а Драган Анастасов од СДСМ 44,41 процент.
А во Брвеница кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Стојан Тодоровски со освоени 25,42 проценти води пред Мирко Стојановски од СДСМ со освоени 22,84 проценти. ВМРо-ДПМНЕ е во водство и во Чешиново облешево каде во втор круг влезгуваат Горанчо Зашов од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 47,48 проценти, и Горанчо Крстев од СДСМ со освоени 46,54 проценти од гласовите. За градоначалник на Штип ќе се одлучува во вториот круг каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Илчо Захариев е во водство со освоени 48,10 проценти од гласовите, наспроти неговиот противкандидат Благој Бочварски од СДСМ со освоени 47,97 проценти.
Во Боговиње води ДУИ со освоени 33,99 проценти пред Алијанса на Албанците која има 27,77 проценти, во Врапчиште води кандидатот на ДУИ Гајур Рушити со 35,06, а по него е Исен Шабани од Алијанса за Албанците со освиени 31,10 проценти. ДУИ води и во Гостивар каде Невзат Бејта има освоено 35,55 проценти, а Арбен Таравари од Алијанса на Албанците 34,10 проценти. Кандидатот на ДУИ Ружди Љата за Дебар во првиот круг има освоено 39,93 проценти, а на второ место е Арбен Аголи од Алијанса на Албанците со освоени 30,33 проценти. Во Долнени во првиот круг води Џемил Ќамили од ДУИ со 34,06 проценти пред Билал Каришиќ од СДСМ со 26,28 проценти. А во Желино кандидатот на ДУИ Фатмир Изаири освои 43,90 проценти пред Бљеим Сејди од БЕСА кој има 43,57 проценти. Кандидатот на ДУИ за Липково Еркан Арифи во првиот круг има освоено 48,97 проценти, а Шабан Зендели од БЕСА 22,70 проценти.
ДУИ во првиот круг води и во Теарце, каде Исен Асани има 29,86 проценти, а Амир Ељези од БЕСА 23,44 проценти, во Тетово Теута Арифи води со 33,18 проценти, а Биљал Касами има 21,93 проценти
Во втор круг во Струга ќе одат Зијадин Села од Алијанса за Албанците со освоени 30,24 проценти од гласовите и Рамиз Мерко од ДУИ со 25,77 проценти.
Во Студеничани ќе има втор круг бидејќи во првиот Азем Садики од ДПА освои 34,62 проценти, а Реџеп Мемеди од Беса 23,70 проценти.